Свет oo

13 октомври, 2014

Ози Озборн добитник на наградата „Глобална икона“ на европските музички награди на „Ем-ти-ви“

Легендарниот пејач, текстописец и феномен на поп културата, британскиот музичар Ози Озборн е овогодишниот добитник на наградата „Глобална икона“, која музичкиот канал „Ем-ти-ви“ ќе му ја додели на 9 ноември, на јубилејното 20-то доделување на европските музички награди, кое годинава ќе се одржи во Глазгов.

Ози Озборн е изведувач со повеќекратно наградувани платинести тиражи, член на престижната „Рок ен рол хол оф фејм“ институција, трикратен добитник на Греми признанија со повеќе од 120 милиони продадени албуми ширум светот. И по четири децении кариера, како соло изведувач и како пејач на составот „Блек сабат“, Озборн е подеднакво релевантен денес, често присутен на телевизиските програми, филмови, радио станици и големи настани. Оваа недела беше објавено специјалното издание „Memoirs of a Madman“, кое ги претставува врвните достигнувања во неговата кариера – це-де со 17 најголеми хитови и двоен ди-ви-ди сет со видео записи и досега необјавени настапи и интервјуа.

„Влијанието кое Ози го имаше на музиката и поп културата е огромно. Повеќе од 40 години тој забавуваше, инспирираше и често ги шокираше верните фанови од сите краеви на светот. Воодушевени сме и почестени што токму тој е добитникот на овогодишната награда ’Глобална икона’“, соопшти Брус Гилмер, извршниот потпретседател за музичката програма и настани при ВИМН.

Претходни добитници на оваа награда се Еминем (2013), Витни Хјустон (2012), „Квин“ (2011) и „Бон Џови“ (2010). 

Веќе е познато дека водителка на јубилејното 20-то доделување на европските музички награди ќе биде Ники Минаж, а досега најавени изведувачи се Ед Ширан и Аријана Гранде. Гласањето во сите категории се одвива на веб страната на www.mtvema.com и ќе трае до сабота, 8 ноември, во 23.59 часот, а манифестацијата ќе биде пренесувана во живо на сите канали на „Ем-ти-ви“ ширум светот, на 9 ноември (недела) со почеток од 21.00 часот од салата „Хајдро (The Hydro)“ во Глазгов.

 



Врати се горе ↑