Македонија lozano2

14 ноември, 2017

„Ова лето ќе се памти“ е апсолутен радиски хит за 2017 година

„Ова лето ќе се памти“ на Влатко Лозаноски – Лозано ја доби титулата апсолутен радиски хит за 2017 година на годинашниот Македонски радиски фестивал, кој се одржа вечерва во МОБ. Освен оваа статуетка, летниот хит на Лозано беше прогласен и за радиски хит отпеан од машки вокал, како и за песна со најдобар текст, за кој заслужна е Магдалена Цветкоска – Ена.

На ова јубилејно, 10. по ред издание на „МАРС 2017“, во повеќе категории беа наградени највртените радиски хитови за годинава што веќе привршува, а златните микрофони ги доделуваа познати водителски и новинарски имиња, дел од нив своевремено ја воделе манифестацијата, чија домаќинка вечерва беше Марија Петровска, која специјално допатува во Македонија за оваа пригода. Меѓу презентерите ги видовме: Марина Костовска, Снеже Велков, Марко Марк, Миа Костова, Ване Маркоски, Елена Стојановска, Димитар Атанасовски, Миланка Рашиќ, Александра Јовановска и Живкица Каленикова.

lozano

Вечерта беше збогатена и со девојките и момчињата на балетското студио „Ребис“ со нивните специјално подготвени танчерски точки и кореографии на македонски хитови и евергрини со својата „Улица на приказни“, во која свои мини диџеј-сетови со куси миксови и скречови на познати македонски хитови на сцената имаше и диџеј Мастер Хип, а на видеоѕидот одеа исечоци од досегашните 9 изданија на МАРС.

Сите изведувачи наградени со златен микрофон имаа одлични настапи на сцената во МОБ, а вечерта ја завршија добитниците на наградата за трајни вредности – легендарната група „Меморија“, чиј настап воедно беше најава за големиот повратнички концерт што ќе се одржи в сабота, 18 ноември, во арената „Борис Трајковски“.

1

Сè на сè, одлично роденденско издание на Македонскиот радиски фестивал, честитки за сите наградени и за организаторите и им посакуваме да прослават уште многу јубилеи! Најголемите радиски хитови за 2017 година се:

  1. Ѕвезда што се раѓа – Ања Ветерова (Рамбамбам)
  2. Радиски поп-хит со етно мотиви „Остани, Димитар Андоновски и Тафата
  3. Радиски диско-хитНебо, Сара Мејс
  4. Радиски поп-хит Дојди, Викторија Лоба
  5. Радиски ар-ен-би хитНевозможна мисија, ДНК
  6. Најдоба балада –  Љубена, Кристина Арнаудова
  7. Партнерство за хит –  Рушевини, Теа и Панчо
  8. Радиски хит од група –  Мојот крал, Ај кју
  9. Радиски хит од женски вокалХеј мама, Наташа Малинкова
  10. Радиски хит од машки вокал – „Ова лето ќе се памти, Влатко Лозаноски – Лозано
  11. Апсолутен радиски хит„Ова лето ќе се памти“, Влатко Лозаноски – Лозано
  12. Најдобар текст – Магдалена Цветкоска за „Ова лето ќе се памти“
  13. Најдобра преработкаСлушам кај шумат шумите, Некст тајм
  14. Награда за трајни вредности – Меморија

И.Ј. / Фотографии: МРТ



Врати се горе ↑