Балкан

13 април, 2018

Отворен конкурс за настап на најдобриот европски фестивал!

„Егзит“, официјално најдобриот голем европски фестивал и Студентскиот културен центар Нови Сад, го покренуваат конкурсот за млади музичари на кои им се дава можност да настапат на некоја од бините на Петроварадинска тврдина од 12 до 15 јули. Претходната година на овој конкурс се пријавија преку 450 автори од целиот свет, а избрани беа 33 најдобри изведувачи од нив кои настапија на бините „Фјучр шок“ (Future Shock), „Фјужн“ (Fusion), „Експлозив“ (Explosive), „Ноу Слип Нови Сад“ (No Sleep Novi Sad), „Денс арена“ (Dance Arena) и други. Оваа година „Егзит“ ги отвора своите врати за најдобрите групи и уметници од целиот свет, кои ќе настапат на бините ширум Тврдината. Бендовите, диџеите и кантавторите, веќе од денеска можат да се пријават преку апликацијата на сајтот www.exitmusic.rs, а конкурсот ќе трае до петок, 4 мај, кога е последниот ден за пополнување на пријавите.

Неопходно е сите заинтересирани да отворат свој профил и да постават најмалку две свои нумери или диџејски миксови преку стриминг сервисот Саундклауд (SoundCloud), и истите заедно со биографија, фотографија и означен музички жанр да ги вклучат во својата пријава на сајтот www.exitmusic.rs. За сите изведувачи кои веќе имаат свој профил на овој сајт, доволно е само на својата лична страница да кликнат на пријавата за 2018 година.

Селекторскиот тим покрај менаџерите на бините, го сочинуваат и музичката новинарка на РТС и авторка на емисијата „Бунт“ – Бранка Главониќ, Никола Јовановиќ од САЕ Институт Белград, ко-основачот на „Концерт на годината“ и в.д. директор на СКЦ Нови Сад, Обрад Боба Шкрбиќ, радиските водители Душан Мајкиќ, Дашко Милиновиќ и Алма Ковчиќ, програмскиот уредник на Студентскиот културен центар Нови Сад, Игор „Згро“ Тодоровиќ, како и главниот уредник на списанието „Хардвајрд“ (Hardwired), Марко Ристиќ.



Врати се горе ↑