За Вас

19 септември, 2016

Отворен е конкурсот за „Лузер фест 2016“!

Најдругарскиот и најпозитивниот „ЛУЗЕР ФЕСТ“ ќе се одржина 26 ноември во МКЦ!

Дојде нашето омилено време од годината кога со задоволство го најавуваме годинашното издание на „Лузер фест“! Неколку дена пред главната фестивалска вечер на „ТАКСИРАТ“, на 26 ноември во МКЦ се собираме и го создаваме најдругарскиот и најпозитивниот „Лузер фест“!

По возобнувањето на овој драг дел од „Таксират“, кој низ годините ги пречека и испрати напред бендовите „Лоши деца“, „Синиак“, „Верка“, „Боргот“, „ФИСТ“, „Ска рингишпил“, „Новиот почеток“, „Хардфејсд“, „Сторм“, „Конкеринг лајон“ и уште многу други демо бендови кои се испробаа на Таксиратската Винерско-Лузерска бина низ годините, традицијата на „Лузер фест“ продолжува и на 18. „ТАКСИРАТ“. Минатата 2015 година заедно со „Плутос даутс“, „Метаноја“, „Гаргојлс“, „Кепурдат“, „Брука бенд“, „Пресен зрак“, „Астероид“, „Визија“, „Пулс екипа“, „Екс-ју“ и гостите на фестивалот, во преполното МКЦ повторно се врати и освежи фестивалскиот дух на сите ентузијасти кои творат авторска музика и истата сакаат да ја промовираат пред македонската публика.

И оваа година победникот на „Лузер фест“ ќе биде награден со снимање на албум во студиото „Марифет“ (мarryPHAT) на Ивица Јанкуловски – Штраф и објавување на албумот под капата на „Пасворд продакшн“, а покрај главната награда, „ТАКСИРАТ“ и годинава ќе ги вложи сите свои расположливи сили за поттик и промоција на најдобрите од новото издание на „Лузер фест“. Жирито е веќе на кондициони подготовки, се подготвуваат гласачките ливчиња за публиката, а конкурсот за пријавување е отворен!

Одиме едноставно како и минатата година:
Ги повикуваме сите македонски млади и неоткриени бендови до 20 октомври 2016 да испратат 3 свои песни на конкурсот. За да се пријават на конкурсот, музичките групи или солисти треба во електронски формат да достават:
* три досега необјавени авторски песни (во кој било аудио формат),
* контакти
* фотографија и
* кратка биографија на бендот и членовите.
Пријавите, најдоцна до 20 октомври 2016, треба да бидат испратени на адресите: [email protected] & [email protected] .

ВАЖНО:
* „Пасворд“ ги задржува правата да објави компилација од сите групи кои ќе настапат за време на „Лузер фест“;
* Пријавените бендови треба да достават свои досега необјавени и неиздадени снимки, а во спротивно ќе бидат дисквалификувани;
* „Пасворд“ има право да ги објавува пријавените песни од страна на изведувачите на своите социјални и асоцијални мрежи
* Сите бендови кои ќе се пријават ќе бидат објавени, а селекцијата ќе се одреди по истекување на рокот за пријавување.

И годинава „Таксират“ околу одржувањето на „ЛУЗЕР ФЕСТ“ ќе најави и уште неколку настани кои ќе ја направат Таксиратската недела доволно добра да може да се поднесе остатокот од времето до изборната година. Во меѓувреме, ВЕ ЧЕКАМЕ СО СНИМКИ! РАЗБУДЕТЕ СЕ!



Врати се горе ↑