Балкан JDF

20 април, 2015

Откриени првите ревијални изведувачи на „Јелен демофест“

Црногорскиот хип-хоп тандем „Ху си“ (Who See) и хрватскиот состав „М.О.Р.Т.“ (M.O.R.T.) се првите ревијални изведувачи на „Јелен демофест“, кој годинава по осми пат ќе се одржи во Бања Лука, БиХ. „Ху си“ и „М.О.Р.Т.“ ќе настапат на 16 јули, на првата вечер од фестивалот, кога публиката ќе има можност да го слушне и словенечкиот состав „Лоу пик Чарли“, кој заврши како третопласиран бенд на минатогодишниот „Јелен демофест“.

„Ова е само мал дел од она што ќе можат да видат и слушнат посетителите на 8. ’Јелен демофест’. Во наредните денови ќе ги откриеме и останатите имиња на ревијалните бендови. Мислам дека сите ќе бидат мошне пријатно изненадени кога ќе чујат за какви врвни изведувачи станува збор“, најави Бранкица Стојановиќ, портпаролот на „Јелен демофест“.

„Ху си“

За оние кои по некоја случајност немаат слушнато, „Ху си клапа“ или само „Ху си“ е хип-хоп состав кој го сочинуваат Дејан Дедовиќ Деда (Dedduh) од и Марио Ѓорѓевиќ Нојз (Noyz), а групата е оформена во 2000 година. Нивниот прв албум објавен во 2007 година го носи насловот „Свирање купцу“ и секоја рима изобилува со тврдокорен рап. Второто студиско издание „Крш и драча“ излезе во 2012 година, кога Ем-ти-ви му ја додели наградата за „Најдобар изведувач на Балканот“ (Best Adriatic Act), а веќе следната година беа црногорски претставници на „Евровизија 2013“  и својата „Игранка“ ја однесоа во Малме, Шведска.

 

Актуелниот, трет по ред студиски албум „Немам ти кад“ постигна голем успех и во дигитален формат, а стана достапен и како цеде издание. Од неговото објавување, албумот се задржа на врвот листата на најслушани на сервисот „Дизер“ цели пет недели, додека песната Џе се купаш беше огромен хит минатото лето.

„М.О.Р.Т.“

Сињскиот состав „М.О.Р.Т.“ победи на 6. издание на „Јелен демофест“, а нивната едноставност, искреност, опуштеност и добрите песни беа клучните квалификации за жирито да ги прогласи за најдобри. Свират бескомпромисен панк-блуз, а постојат уште од есента 2003 година. „М.О.Р.Т“ сега е веќе препознатливо музичко име во регионот, а сè уште ги освојуваат топ листите со албумот „Одјел за жешќе“ (Odjel za žešće), којшто го снимија како награда за освоеното прво место на „Јелен демофест“.

 

„За на сите побрзо да ни помине времето додека ги чекаме резултатите на жирито и почетокот на фестивалот, во подготовка се наградни игри со вредни награди за сите љубители на ’Јелен демофест’. Доколку редовно ја следите нашата официјална веб страна demofest.org и фан страницата на Фејсбук, наскоро ќе дознаете за што точно станува збор“, заклучи Стојановиќ.

Осмиот „Јелен демофест“ ќе се одржи од 16 до 18 јули во Бања Лука, а публиката ќе има можност да види и слушне настапи на преку четириесет различни изведувачи.

 



Врати се горе ↑