Настани d9f5b3a2-7455-43ed-a3cf-5d5da3df04a0

26 јуни, 2015

Освојувачот на британската денс сцена, ВИЛКИНСОН ја презема главната бина на „Д ФЕСТИВАЛ“!

Најсјајната нова ѕвезда на британската денс сцена ВИЛКИНСОН (WILKINSON) доаѓа на „Д ФЕСТИВАЛ“ како последното име кое ќе ја предводи програмата на првиот фестивалски ден. Марк Вилкинсон (Mark Wilkinson), авторот на глобалната денс химна „Afterglow“ со 36 милиони прегледувања на „Јутјуб“, кој изминатата година ги собра наградите за Најдобар сингл, Најдобар албум, Најдобро видео, Најдобар продуцент и Најдобар изведувач во живо на британските „Национални драмендбејс награди“ (National Drum & Bass Awards), во вистински момент доаѓа во Дојран со првиот диџеј сет пред македонската публика! Главната бина на „Д ФЕСТИВАЛ“ на 17 јули (петок) ќе го пречека лондонскиот диџеј и продуцент кој доминираше на британските листи со денс сингловите од албумот „Lazers Not Included“, а ремиксите ги потпиша за имиња како што се „Горгон Сити“ (Gorgon City), „Чејс & Статус“ (Chase & Status) и „Егземпл“ (Example), покрај неизбежната клупска верзија на песната „Sing“ на Ед Ширан (Ed Sheeran).

Вилкинсон со своите префинети продуцентски способности, првиот пробив на лондонската сцена го остварува во 2010 година кога испраќа неколку нумери на „Хоспитал рекордс“ (Hospital Records) и стигнува до своето прво објавување за оваа етикета, на компилацијата „Sick Music 2“. Неколку месеци подоцна својата музика ја испраќа на реномираната „Рам рекордс“ (Ram Records) етикета на Енди Си (Andy C) и за неколку дена добива повик од него со покана за договор. Само неколку години по овој момент Вилкинсон, со веќе потпишан договор со „Рам рекордс“ и „Вирџин ЕМИ“ (Virgin EMI), се наметнува како една од најсјајните нови ѕвезди на денс музиката. По неговите клупски химни „Tonight“, „Take You Higher“, „Need To Know“, „Heartbeat“ и „Too Close“, Вилкинсон ги објавуваHalf Light’ кој веднаш се позиционира на 20. место, „Dirty Love кој се искачува во најдобрите 10 и глобалниот хит Afterglow кој стана топ 5 хит на официјалната британска листа, продавајќи 400.000 примероци, со над 36 милиони „Јутјуб“ прегледувања.

Неговиот деби албум ‘Lazers Not Included’ го освои првото место на денс листата на „Ајтјунс“ (iTunes Dance Chart) во 10 земји, а турнејата за овој албум вклучуваше настапи ширум целиот свет. Изминатата година во неговите настапи се вброија и славните „Радио 1 Биг Викенд“ (Radio 1 Big Weekend), „Гластонбери“ (Glastonbury), „Вајрлес“ (Wireless), „Рединг“ (Reading), „Лидс“ (Leeds), „Ти ин д парк“ (T In The Park) и бројни други најреномирани фестивали и музички настани. Со тоа ја комплетира неговата распродадена деби турнеја во Велика Британија и се впушти во својата втора светска турнеја која вклучуваше настапи како хедлајнер на најголемите денс бини на „Рединг“ и „Лидс“ фестивалите, поддршка на великанот „Андерворлд“ (Underworld) на „Пукелпоп“ (Pukkelpop) фестивалот и неговата нова летна резиденција во славниот клуб „Амнезија“ (Amnesia) на Ибица.

Неговиот нов сингл „Hopelessly Coping“ е следниот голем хит кој ќе го одбележи ова лето, а кој сигурно ќе го понесе танцувачкиот подиум пред главната бина на единствената фестивалска понуда ова лето кај нас, „Д ФЕСТИВАЛ“ во Дојран.

 

Со ВИЛКИНСОН се затвора комплетната програма на главната бина на Д ФЕСТИВАЛ која ги вклучува и настапите на МАНУ ЧАО ЛА ВЕНТУРА, КИРИЛ ЏАЈКОВСКИ и ТК ВОНДЕР, ЕЛЕКТРИЧНИ ОРГАЗАМ, ФОЛТИН, БЕД КОПИ, ЉУБОЈНА БРАС ФАНТАЗИ, ФУЛИШ ГРИН, ПМГ КОЛЕКТИВ, НОВИОТ ПОЧЕТОК, ПОИНТ БЛЕНК, КУЛТУРНО УМЕТНИЧКИ РАБОТНИЦИ, ФУРИОН, ЗАА, БЛА БЛА БЛА, БАИЛДСА, ДРАМ’ЕН’БРАС ТРИО, додека на втората фестивалска бина досега потврдени се настапите на ЏУН, БРУКА БЕНД, ОРАТНИЦА и РЕТРО КАБАРЕ. Наскоро очекувајте ја комплетната програма за втората и третата бина на фестивалот, како и бројните дополнителни активности кои ќе се одвиваат во рамки на кампот за незаборавно искуство и дружење на посетителите на петтиот Д ФЕСТИВАЛ.

 САМО УШТЕ 5 ДЕНА ЗА ПРОМОТИВНИТЕ ВЛЕЗНИЦИ

Остануваат само уште 5 дена пред распродажбата на влезниците со промотивни цени, како и специјалната студентска акција „4+1“, кои ќе важат само до 1 јули (среда)!

Тридневните фестивалски билети за музичкиот маратон кој ќе се одвива од 17 до 19 јули, вклучувајќи го и сместувањето на ептен независниот камп, ќе бидат достапни за 600 денари само до 1 јули. Од 1 јули цената на овие влезници ќе изнесува 800 денари.

Промотивната цена на еднодневните влезници е 250 денари за петок (17 јули) и сабота (18 јули), а 350 денари за недела (19 јули). Овие влезници од 1 јули ќе чинат 350 денари, односно 450 денари.

Покрај промотивните фестивалски и еднодневни велзници, преку продажната мрежа на МКтикетс се спроведува и специјалната акција „4+1“ наменета исклучиво за студентите во Македонија. Во рамките на оваа акција за 4 купени фестивалски влезници, петтата влезница ја добивате бесплатно, како и гратис камп за сите петмина. Сѐ што треба да направите е да го соберете вашето омилено друштво, задолжително да носите студентска легитимација и да се упатите во едно од официјалните продажни места на „Д ФЕСТИВАЛ“. За оваа акција да биде уште подостапна, „Д ФЕСТИВАЛ“ се погрижи и околу здружувањето на сите заинтересирани. Доколку не можете да се екипирате, за полесно да ги најдете вашите пајташи за на фестивалот и полесно да стигнете до единечна карта за тридневен фестивал која само до 1 јули практично ќе ве чини 480 денари, приклучете се и пишете во „фејсбук“ групата „Д ФЕСТИВАЛ 4+1“.

ЕДНОДНЕВНИ ВЛЕЗНИЦИ:
Ден 1 (17 јули) – 250 денари
Ден 2 (18 јули) – 250 денари
Ден 3 (19 јули) – 350 денари

ФЕСТИВАЛСКА ВЛЕЗНИЦА (+ бесплатен камп) – 600 денари

За деталите, посетете гo mktickets.mk.



Врати се горе ↑