Македонија 65502_1tose-proeski

16 октомври, 2015

Осум години без Тоше

Денеска Македонија и Балканот се сеќаваат на една од најголемите музички ѕвезди на Балканот, Тоше Проески, кој на денешен ден трагично загина во близина на Нова Градишка, во Хрватска.

Тоше музичката кариера ја започна во 1997 година, кога на прилепскиот фестивал „Мелфест“ ја изведе познатата песна од „Битлси“ – „Yesterday“, а потоа следат „Усни на усни“ и Сонце во твоите руси коси“, кои се плод на соработката со композиторот Григор Копров.

 

Во 1997 година учествува на „Макфест“, каде што ја изведе песната „Пушти ме“. Во 1999 година го издава својот деби-албум „Некаде во ноќта“, кој содржи 11 песни. Летото истата година, Тоше го одржува својот прв концерт, кој, и покрај дождот и лошото време, останува незаборавен за неговите обожаватели.

 

Втор албум е „Синот Божји“, промовиран во јуни 2000 година. Од овој албум ќе останат запаметени хитовите како Немир (дует со Каролина Гочева), Во коси да ти спијам“, „Излажи ме уште еднаш, како и „Илузија“ и „Тајно моја“, две песни компонирани од Кире Костов, (со втората го освојува второто место на фестивалот „Сунчане скале“ во Херцег Нови, Црна Гора).

 

Со цел да го подобри своето пеење, Тоше оди на часови кај маестро Вилијам Рајли во Њуjорк, кој вo својата кариера е и учител на Лучијано Павароти.

Српската продукциска куќа „BK Sound“ ги откупува правата за издавање на следниот албум на Тоше на просторот на поранешна Југославија, што, пак, ќе резултира со Оскар на популарноста на просторот на поранешните југословенски републики за 2000 година, како и со целосно распродадени концерти во Скопје и Белград. Во 2001 година Тоше, заедно со неколку други македонски пејачи, отпочнува турнеја низ Австралија.

 

Сепак, се чини дека вистински успех постигна со издавањето на третиот албум „Ако ме погледнеш во очи“, снимен во Атина, а кој се појави и на српски јазик, со што балканската публика многу подобро го запозна и го засака. Во април 2003 година, Тоше победува на фестивалот „Беовизија“ со песната „Чија си“, која станува огромен хит во поголем дел од Балканот.

 

Во 2005, неговиот петти албум „По тебе“ е издаден низ целата територија на поранешна Југославија. „По тебе“ е сѐ уште еден од најуспешните албуми издадени на Балканот воопшто – неколку недели останува на врвот на листите во Македонија, Србија, Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина. Сингловите од овој албум пак, со месеци се задржуваат на највисоките места на музичките топ списоци во овие земји.

 

Неговиот следен албум „Божилак“ е компилација на 14 избрани македонски народни песни во придружба на симфониски оркестар. Во 2007 година, Тоше го издава и албумот „Игри без граници“, неговиот последен албум.

Тоше Проески исто така се потврдува и на полињата на компонирањето музика. Има напишано неколку песни за себе, како што се „Има ли ден за нас?“, „Слушаш ли?“, „Малечка“ и „Полско цвеќе“. Во 2004, Проески ја компонира и „Муза“ – голем хит за Мартин Вучиќ и наслов на неговиот следен албум. Во едно интервју, Тоше има речено дека има повеќе од 100 искомпонирани и напишани песни за кои чека прав момент за да ги издаде.

Неодамна промовираната англиска верзија на „Малечка“ слушнете ја во продолжение.

 

Нa 14 февруари 2007 година, Тоше одржа спектакуларен концерт во белградска Арена, наполнувајќи ја до последно место, подвиг што и до денес тешко некој музичар од овие простори успеал да го исполни.

Тоше Проески победи и на Хрватски радиски фестивал на 9 јуни 2007 година, со песната „Вежи ме за себе“.

 

Под мотото „Образованието е одговорност на сите“, поп-ѕвездата Тоше Проески, на 5 октомври 2007 одржа спектакуларен хуманитарен концерт на Градскиот стадион во Скопје, поддржан од организацијата УСАИД. Парите од билетите, кои чинеа 200 денари, се искористија за петгодишниот проект за основно образование финансиран од фондацијата, за реновирање околу 100 училишта во Македонија. Тоше истакна дека „Никола Карев“, училиштето во кое учел во Крушево, забрзано се реновира.

По завршувањето на концертот, на Тоше и на неговите колеги им беа доделени статуетки Мајка Тереза, од истоимената фондација, како знак на благодарност за хуманото дело. Тоше ја предаде статуетката на неговата мајка Доминика, која му ја всадила хуманоста од мали нозе. Додека се случуваше сето тоа, небото над Скопје, го осветлуваше величествен огномет во чест на Тоше.

Тоа беше и неговиот последен концерт, по само десетина дена Македонија ја слушна траорната вест, дека Тоше Проески загина во сообраќајна несреќа. Тој ден Балканот плачеше по ангелот, чиј лик и чии песни и денеска остануваат врежани во секое срце.

Менаџерката на Тоше Проески: „Не поминува ден, а да не помислам на него“

Не поминува ден, а да не помислам на него. Поминувавме многу време заедно на патувања, концерти… Времето сè уште не ги залечи раните“, изјави за „Јутарњи листЉиљана Петровиќ, менаџерка на Тоше Проески, која по трагедијата целосно се повлече од естрадата. Живее во Ниш и произведува етерични масла и одгледува лаванда. Петровиќ вели дека редовно е во контакт со родителите на Тоше, но нивната тага не може со ништо да се излечи.

Утеха им даваат нивните внуци Кристијан и Никола, синовите на постарата сестра на Тоше. Постариот Кристијан многу потсетува на Тоше и пее и свири“, вели Петровиќ.

Обожавателите на Тоше последните денови почнаа да ја одбележуваат тажната годишница. Во Заводот за трансфузиологија во Загреб, на 3 октомври се одржа доброволно дарување на крв, а беа повикани сите оние кои го почитуваат и чуваат споменот за Тоше.

Минатата недела беше одржана миса за Тоше, а вчера од Нова Градишка традиционално почна маратонот кон неговото родно Крушево. Патот од Нова Градишка до Крушево е долг 1000 километри, а маратонците на неговото почивалиште, треба да дојдат после повеќе од 80 часа трчање.

За крај погледнете го и документарниот филм „Шест часа до небото“, кој „Ал Џезира Балканс“ го објави во февруари годинава…

 



Врати се горе ↑