Свет

15 јули, 2019

Остин Батлер ќе го игра Елвис во новиот филм на Баз Лурман

Уште во март годинава беше најавен новиот филм на автралискиот режисер Баз Лурман, во кој ќе се раскаже приказната за еден од најпознатите музички менаџери – Полковникот Том. Имено, Том Паркер беше најпознат како главниот виновник за историската кариера на легендарниот крал на рок-музиката Елвис Пресли, а нивниот комплициран однос ќе биде главната тема во претстојниот филм на Лурман.

Улогата на Полковникот Том ќе ја игра холивудската ѕвезда Том Хенкс, а денеска беше откриено дека честа да го игра славниот музичар му припадна на Остин Батлер. 27-годишниот актер, кој зад себе има бројни улоги во телевизиски серии, ја победил силната конкуренција за оваа улога, а меѓу конкурентите биле и британскиот музичар Хари Стајсл (Уан дајрекшн), Арон Тејлор-Џонсон, Ансел Елгорт и Мајлс Телер.

Стајлс, Тејлор-Џонсон, Елгорт и Телер биле во конкуренција за улогата на Елвис

Батлер до оваа година немаше големи улоги во Холивуд, а потоа се појави во новите филмови на Џармуш и Тарантино, „Мртвиот не умира“, односно „Беше еднаш во Холивуд“. Тој оваа година дебитираше и на Бродвеј.

„Знаев дека можам да го направам овој филм само доколку го направам вистинскиот кастинг и притоа баравме актер кој може да ги долови природното движење и вокалниот квалитет на Пресли, но и неговата внатрешна ранливост. Сето ова го пронајдов во Остин Батлер“, изјавил Лурман, чиј последен филм беше „Големиот Гетсби“ од 2013.

Освен што ќе го режира новиот филм, Баз Лурман го напиша и сценариото заедно со Крег Пирс, а снимањето е планирано да почне следната година во Австралија.



Врати се горе ↑