Настани ACE_4144

3 март, 2014

Осмомартовски Виенски Бал во Скопје

На 8-ми март, во хотелот Александар Палас, традиционално, по 15-ти пат ќе се одржи Виенскиот Бал во Скопје, во организација на Здружението за културна соработка „Јохан Штраус” а под покровителство на Австриската амбасада во Македонија. Петнаесет години Скопје е една од привилегираните метрополи во светот што имаат свој Виенски Бал. Виенскиот Бал во Скопје е традиционална културно-музичка манифестација што ја потврдува македонско-австриската сорботка на полето на културата и уметноста. Врвни уметнички имиња од нашата земја и музиката на легендарната династија Штраус, прават оригинален спој на културите на двете држави.

Како и изминатите 14 години, и оваа година Виенскиот Бал ќе се одржи во ексклузивниот амбиент на  Хотелот Александар Палас. Гостите ќе се дружат со виенскиот валцер, со екстравагантноста на Штраус музиката, со уметноста во која се чувствува легендарниот музички дух на Виена. На Балот оваа година ќе настапат стотина врвни уметници. Оркестарот Јохан Штраус-триесет професионални музичари, инструменталисти кои ќе музицираат под диригенство на маестро Саша Николовски – Ѓумар.

Грациозните танчери на Прима Данца ќе ја забавуваат публиката со интересни танцови точки. Гостите ќе имаат можност да уживаат во странските евергрини изведени од маестралниот Џон Илија Апелгрен. За добрата атмосфера ќе се погрижат и Петар Ренџов заедно со Тумбао Салса Бенд. Ќе настапат и балетските солисти Бобан Ковачевски и Марија Кичевска. Како изненадување за присутните ќе биде настапот на неколку танцови двојки од шоуто „Танц со ѕвездите”.

Многу забава, музика што ги задоволува сите музички вкусови, несомнено е дека 8-ми март ќе биде уште една вечер на убавината, задоволството и уживањето, неповторлива уметничка вечер.



Врати се горе ↑