Настани baskerfest-2012-foto-kristijan-teodorov-juni-1058

28 март, 2013

Осмо издание на Баскер Фест

Доаѓа повторно нашето омилено време на единствената атракција под отворено небо, која преку ноќ го претвора Скопје во „стрит-арт“ град на забавата, наречен Баскер Фест. Годинава нѐ очекува осмото издание на Баскер Фест, кое ќе се одржи од 14 – 23 јуни, на повеќе локации низ Скопје и со до сега најбогата фестивалска програма. Новиот предизвик доаѓа со дел од најатрактивните светски „стрит“ уметници подготвени да не забавуваат и воодушеват со фантастичните настапи. Покрај тоа, фестивалот годинава подготвува и збогатена музичка програма, во чии рами ќе бидат одржани повеќе од 30 концерти на бендови, музичари и диџеи од земјава и регионот. За време на овие десет дена Скопје ќе биде домаќин на повеќе од 100 артисти и музичари кои ќе и’ овозможат на публиката комплетно нови и досега невидени настапи.

Ова е фестивал со уникатен концепт и нова, поинаква понуда: десет дена целосно исполнeти со исклучително фестивалско искуство и слобода на сосема нов начин. Баскер ја пречекува публиката не само со улични артисти и музика во живо, но и со низа различни понуди за незаборавна забава: претстави, пантомима перформанси, улични танчери, креативни активности, ликовни изложби, базар на ракотворби, работилници – вистински сплет на културни, забавни и уметнички содржини! Сѐ она што ќе придонесе кон целта на фестивалот, а тоа е да им приредни на сите посетители несекојдневно искуство. Баскер Фест е огромен забавен парк за иновации и креативност, во кој сите се добредојдени да се придружат, а како и секоја година, присуството на фестивалот е бесплатно за сите посетители!

Уличните фестивали се значајна културна атракција во многу земји, а благодарние на БАСКЕР ФЕСТ, на оваа листа се вклучува и Македонија со првиот меѓународен и мултикултурен уличен фестивал кај нас, признат како најголем настан од ваков вид во регионот. Фестивалот и оваа година се одвива во организација на „Уан Веј“ (One Way), а под покровителство на Град Скопје и благодарение на поддршката на градскиот татко Коце Трајановски.

Баскер е подготвен за нови уживања во спектакуларната комбинација на бројни магионичари, акробати, музичари и извонредни таленти. Пред вас е големиот настан за целото семејство, кој ги поврзува луѓето од сите возрасти, па без разлика на сѐ, бидете сигурни дека не смеете да го пропуштите најспектакуларниот фестивал на годината.

Се гледаме на Баскер Фест, од 14-ти до 23-ти јуни 2013! Подгответе се за визуелно и аудио „стрит“ шоу кое со сигурност ќе ве восхити.

Сите новости и информации за новото издание на фестивалот ќе бидат објавувани на интернет страницата www.buskerfestmakedonija.com и нашите страници на социјалните мрежи Фејсбук и Твитер



Врати се горе ↑