Свет

9 јануари, 2019

„Осмели се да сонуваш“ е мотото на „Евровизија 2019“

… ја имаме и првата од 42-те песни што ќе се натпреваруваат во Тел Авив

Иако има уште неколку месеци до главниот настан, веќе течат подготовките за 64. издание на „Евровизија“, кое на 14, 16 и 18 мај ќе се одржи во Тел Авив во Израел. Деновиве беше претставено и официјалното лого на годинашниот фестивал, кое гласи „Осмели се да сонуваш“ (Dare to Dream), заедно со симболот на трите триаголници споени во ѕвезда.

 

„Триголникот, како една од најстарите форми на светот, е основен симбол што универзално го наоѓаме во уметноста, музиката, космологијата и во природата, претставувајќи поврзување и креативност. Како што триаголниците се комбинираат, тие стануваат еден ентитет што го отсликува бескрајното ѕвездено небо, како ѕвездите од иднината што се собираат заедно во Тел Авив за ’Евровизија 2019’“, изјавија организаторите од ЕБУ и КАН.

Eurovision 2019 Stage Design by Florian Wieder

Инспирацијата зад логото е самиот дизајн на евровизиската сцена, дело на германскиот дизајнер и продуцент Флоријан Видер (Florian Wieder), кој дизајнирал и бројни слични манифестации, меѓу кои и „Х фактор“ и доделувањето на европските музички награди на Ем-ти-ви.

„Воодушевени сме од логото за годинашниот фестивал, кое совршено ја дополнува фантастичната сцена што ја дизајнираше Видер. Се надеваме дека креативната тема за ова издание на Евровизија ќе ги инспирира 42-те земји учеснички да се соберат заедно во Тел Авив, сонувајќи да станат ѕвездите на иднината“, изјави извршниот надгледувач Јон Ола Санд.

Традиционално, првата песна доаѓа од Албанија

Како и секогаш, првата земја што ја претставува својата евровизиска песна е нашиот сосед Албанија, чиј претставник е победникот на популарниот „Festivali i Këngës“ што се одржува пред самиот крај на годината. Овој пат на фестивалот триумфираше талентираната Јонида Малиќи, која дебитираше на оваа сцена уште на 13-годишна возраст, а низ годините се натпреварувала уште неколку пати, освојувајќи го 3. место во 2004, додека во 2010 ја имаше честа и да биде водителка.

Сепак, 2018 се покажа како најсреќна година за 36-годишната пејачка,  која првото место и билетот за Тел Авив ги освои со темата Ktheju tokës“ (Враќање во земјата), комплетно потпишана од Ериона Рушити

 

За престстојното, 64. по ред издание на популарниот европски фестивал потврдено е учеството на 42 земји, вклучувајќи ја и Македонија, а отсутна ќе биде само Бугарија. Во наредниот период се очекуваат и промоциите на уште неколку песни, а како и секогаш, сите треба да бидат објавени до средината на март. Од МРТ, која го потврди учеството на нашата земја уште во септември, сè уште нема официјални информации околу начинот за избор на претставник и песна, па повеќе детали се очекуваат наскоро.



Врати се горе ↑