Свет

10 јануари, 2019

Оскарите остануваат без водител, првпат по 30 години

И покрај континуираното опаѓање на гледаноста, доделувањето на академските филмски награди периодов успеа да го привлече вниманието на јавноста, но сето тоа благодарение на фактот што, очигледно, никој не сака да биде водител на свечената церемонија. Имено, за само два дена откако беше најавено дека домаќин годинава ќе биде популарниот американски актер и комичар Кевин Харт, тој се откажа од улогата заради бројните обвиненија за неговите хомофобични твитови од пред десетина години, нагласувајќи дека не сака да го одземе вниманието од талентираните филмски работници и нивните дела.

Американската јавност веднаш започна со давање предлози кој би требало да го замени Харт, но се чини дека Академијата за филмски уметности и науки не успеа да пронајде решение, па сега и официјално е потврдено дека 91. доделување на Оскарите ќе биде без водител, што последно се случи пред точно 30 години.

Како што пишуваат американските медиуми, „водителскиот ангажман“ би можеле да го исполнат повеќе холивудски ѕвезди, а во преден план се оние од Марвеловиот универзум, кој го поседува компанијата „Дизни“, исто како и телевизискиот канал „Еј-би-си“, на кој се емитува самата манифестација. Имајќи предвид дека времетраењето на церемонијата годинава ќе биде скратено на 3 часа, а сигурно ќе има и настапи на номинираните уметници во категоријата за најдобра оригинална песна, отсуството на официјален домаќин можеби и нема да биде толку забележливо.

Веќе за десетина дена, на 22 јануари ќе ги дознаеме и номинациите, а какво шоу ќе подготват за ова 91. доделување на академските филмски награди ќе дознаеме на 24 февруари.



Врати се горе ↑