Свет

7 декември, 2018

Оскарите останаа без водител

Продолжуваат контроверзиите со претстојното доделување на академските филмски награди, кое започна уште пред неколку месеци кога од Академијата соопштија дека планираат да воведат категорија за популарен филм, а сега, само два дена откако беше најавено дека водител на церемонијата ќе биде Кевин Харт, тој се откажа од овој ангажман.

Имено, познатиот актер и комичар наиде на остри критики од дел од американската јавност заради твитови од пред неколку години, кои се опишани како „хомофобични“, особено ако се земе предвид дека во изминативе години политичката коректност зема сè поголем замав и многумина сметаат дека тоа е погубно за комедијата и дека се изгубила смислата за хумор.

Image result for oscars

Еден од моите најголеми стравови е ако мојот син кога ќе порасне ќе биде хомосексуалец“, вака гласел твитот кој Харт го објавил пред речиси десетина години и кој е главната причина за критиките што ги доби од јавноста.

„Донесов одлука да се откажам од улогата на водител на годинашните Оскари… и тоа е бидејќи не сакам да го одвлекувам вниманието на настан на кој треба да се слават толку многу неверојатно талентирани уметници. Искрено се извинувам на ЛГБТ заедницата за моите бесчувствителни зборови од минатото“, соопшти комичарот на Твитер.

Од Академијата сè уште не ја искоментирале оваа одлука на Харт, а на социјалните мрежи веќе започнаа да се нудат предлози, меѓу кои најбројни се оние за јужноафриканскиот комичар и водител Тревор Ноа, музичарот и актер Џастин Тимберлејк или актерките Тифани Хадиш и Маја Рудолф.

Во изминатите 90 години домаќини на оваа најважна ноќ во филмската индустрија ја воделе едни од најпопуларните американски актери, комичари и водители, меѓу кои: Били Кристал, Стив Мартин, Крис Рок, Џими Кимел, Елен ДеЏенерис, Џон Стјуарт, Алек Болдвин, Робин Вилијамс, Вупи Голдберг, Лајза Минели, Френк Синатра, Фред Астер и многу други.



Врати се горе ↑