Свет

9 август, 2018

Оскарите ќе добијат нова категорија за популарен филм

Највисоките признанија во филмската уметност – академските филмски награди или Оскарите – од следната година ќе се доделуваат и во категоријата за извонредно достигнување во популарен филм, а уште еден новитет е и што самата церемонија ќе биде со времетраење од само три часа, скратувајќи го телевизискиот пренос заради сè помалата гледаност.

Веста ја соопштиле првите луѓе на Академијата за филмски науки и уметности, притоа не откривајќи многу детали околу тоа кои филмови би можеле да се квалификуваат во оваа категорија. Како што пишуваат американските медиуми, во текот на 90-годишната историја на оваа манифестација, главната награда за филм на годината честопати ја добивале блокбастери како што се „Титаник“ или „Гладијатор“, а изминативе неколку години со оваа титула се закитуваа тн. уметнички филмови, додека најгледаните остварувања во кино-салите ширум светот, како што се „Чувари на галаксијата“ или „Војна на ѕвездите“, беа номинирани само во техничките категории.

Во однос на гледаноста на самата церемонија, годинашното јубилејно, 90. по ред доделување, кое траеше повеќе од четири часа, собра најмал број, односно 26,5 милиони гледачи пред малите екрани, што е за 19% помалку од претходната година. Веројатно голем придонес за тоа има и фактот што во изминативе години доста се зголеми бројот на други филмски награди што се емитуваат на телевизија, а добитниците на награди како што се Златен глобус, Гилд, Спирит и Изборот на критиката, најчесто се истите кои победуваат и на Оскарите.

Заради скратеното времетраење на церемонијата, дел од наградите ќе бидат доделувани за време на рекламите, а победничките говори ќе бидат монтирани и прикажувани за време на директниот пренос. Наградите Тони веќе направија слични промени во оваа насока, така што категориите како што е наградата за животно достигнување и хуманитарните признанија ги доделува во друга вечер.

Холивуд е со поделени мислења за ова прашање. Дел од филмските работници се потсмеваат на новата категорија со коментари дека Академијата не сака да ја даде главната награда на блокбастер како што е „Црниот пантер“, додека други се задоволни бидејќи на овој начин популарниот филм загарантирано ќе се закити со Оскар.

91. доделување на академските филмски награди ќе се одржи на 24 февруари 2019 година, а како и секогаш, номинациите се очекуваат во текот на јануари.



Врати се горе ↑