Македонија макфест

3 октомври, 2017

Општина Штип го зголеми паричниот фонд за „Макфест 2017“

Градоначалникот на Штип, Илчо Захариев одлучи паричниот фонд за награди за годинашниов „Макфест 2017“ да биде повисок од оној кој со анекс им го понудило Министерството за култура. Ова денеска го соопштија претставниците на организацискиот одбор на фестивалот за забавна музика „Макфест“.

„Градоначалникот на Штип донесе одлука паричниот фонд да биде на средина, значи ниту по предлог на Министерството, ниту по претходниот преддоговор. Првата награда е во вредност од 5.000 евра, втората 4.000, а третата од 3.000 евра. Останатите награди како што се дебитант или сценски настап остануват во вредност од 500 евра“, информира Драган Ристов од прес-центарот на фестивалот „Макфест“.

Според техничкиот директор Кирил Панајотов, општината има средства за исплата на наградите.

„Согласно годишната програма за култура која ја усвои Советот на општината, за ’Макфест’ годинава се предвидени четири милиони денари. Со тие пари можат да се покријат наградите со цел да бидеме коректни кон авторите и изведувачите кои на јавниот конкурс се пријавија под познатите услови“, истакна Панајотов.

Според него, со објавувањето на новиот конкурс за проекти од национален интерес на Министерството за култура за идната година ќе се знаат новите услови за, како што рече, да не се случува измена на одлуки на само една недела пред фестивалот.

Од денес започна и поставувањето на сцената во Домот на културата и оперативно почнува реализацијата на „Макфест 2017“. Двете полуфинални вечери ќе се одржат в петок и в сабота, 5 и 6 октомври, а големото финале е закажано за в недела, 7 октомври, кога во ревијалниот дел свое шоу ќе има двократната победничка на фестивалот, Александра Јанева. Кој сè ќе се натпреварува за победа на 32. издание на „Макфест“ потсетете се овде.



Врати се горе ↑