Настани

26 декември, 2017

Општина Битола ја објави новогодишната програма

Општина Битола ја објави програмата за дочекот на Новата 2018 година, кој традиционално се одржува на плоштадот „Магнолија“. Првиот дел од програмата е веќе започнат, а тоа е хуманитарната кампања „Куќичката на Дедо Мраз“, каде што секој ден, од 24 до 30 декември, хуманите граѓани можат да ги израдуваат оние на кои им е најпотребно. Следниот настан во рамките на прославата е и новогодишниот концерт на Камерниот оркестар на Битола, „Дамска симфонија“, кој ќе се одржи на 30 декември во Центарот за култура – Битола.

На последниот ден од годинава, забавата ќе започне прво за најмладите, кои од 11 до 15 часот ќе уживаат со настапи на изведувачите од дестските музички фестивали „Си-до“ и „Тра-ла-ла“, како и со театарската претстава „Новогодишна збрка“, а ќе имаат можност и да се дружат со своите омилени ликови од сказните.

Вечерната програма е со почеток од 20.30 часот, со диџеј-сет и настап на Борче Наумовски, а во рамките на финалниот дел наречен „Новогодишен џубокс“, кој ќе трае од 10.00 до 01.00 часот после полноќ, ќе настапи групата „Боеми“, пејачот Бојан Стојков и актерите од битолскиот театар: Илина Чоревска, Марјан Ѓорѓиевски, Викторија Степановска Јанкуловска и Маја Андоновска Илијевска.



Врати се горе ↑