Балкан Darko Bageski

1 март, 2013

„Омиш Гитар Фест“ откри дел од програмата и наградниот фонд

Иако има приближно два месеца до почетокот на четвртиот „Омиш гитар фест“ (18-20 април 2013) организаторите го открија поголемиот дел од програмата, како и фондот на наградата за најдобрите учесници. Организаторите гордо истакнуваат дека пријави стигнале од Русија, Австрија, Србија, Хрватска, Македонија, Босна и Херцеговина, Полска, Црна Гора, дури и од Непал.

Од најголемите имиња организаторите го потврдија доаѓањето на фламенко атракцијата Барселона фламенко, двајцата одлични гитаристи од Србија – Младен Пецовиќ, минатогодишниот победник во категоријата Електрична гитара и Војин Коциќ, освојувач на неколку најголеми светски натпревари во класична гитара, а исто така најавено е и учеството на Горан Кривокапиќ и Данијел Церовиќ од Црна Гора, како и македонскиот гитарист Дарко Багески.

„Ова не е конечната листа на учесници, а целокупниот приход од влезниците за супер финалето во електрична гитара ќе биде за децата со пречки во развојот кои ќе бидат гости на фестивалот.“ – изјавил директорот на фестивалот, Нено Мунитиќ.

Квалитетот и значењето на фестивалот го препознаа големи светски брендови и компании како што се Strings by mail и Elixir, а организаторите на Саемот за гитари и гитарска опрема го потврдија доаѓањето на MK Guitars од Босна и Херцеговина, потоа Џанис Палаодемопулос (Giannis Palaodemopulos) од Грција, како и многу други.

Војин Коциќ 

Богат награден фонд

Познато е дека наградниот фонд за најдобрите учесници на натпреварот ќе изнесува повеќе од 10 000 евра.  Покрај вредните награди од опрема, победникот во категоријата Електрична гитара ќе добие и седумдневно летување за двајца во градот Омиш, платени концерти, како и видео запис од настапот во висококвалитетна продукција.

Најавено е и проширување на наградниот фонд, но организаторите не сакаа да откриваат за што станува збор сè додека не бидат прецизирани сите детали.

 

Познат поголемиот дел од програмата на фестивалот

Првиот ден, 18-ри април, во 20 часот е свеченото отворање на Омиш гитар фест во ресторанот „Рибњак кампа Галеб“ со концерт на Младен Пецовиќ, а целиот приход од влезниците и добротворните аукции ќе биде за здружението Агапе, како помош за децата со инвалидност. По тој повод ќе биде отворена и изложба на рок фотографии од децата заболени од мултипла склероза од Здружението Срце од Сплит, кои ќе бидат дел од програмата на отворањето.

Во рамките на таа вечер ќе се одржи и супер финалето во категоријата Електрична гитара и дисциплина на глас и гитара. Исто така, на првиот ден од фестивалот ќе се организира и модна ревија на гитари и накит од младата дизајнерка од Омиш, De Lene и модната марка Галеб.

Вториот ден од фестивалот, 19-ти април, во 19 часот ќе се одржи концерт за класична гитара на кој ќе настапат Дарко Багески (Македонија), Војин Коциќ (Србија), Дуо Церовиќ – Кривокапиќ (Црна Гора), како и квартетот Лаурум (Хрватска). По концертот предвидено е дружење на далматинската вечер во Гусарска коноба.

Третиот ден, 20-ти април ќе биде свеченото затворање на фестивалот во хотел Плажа со настапот на Барселона фламенко, а потоа ќе следи опуштена џез атмосфера со составот Репасаж (Repassage) од Сплит во Гусарска коноба.

 

Barcelona flamenco

Повеќе информации за целиот настан можете да најдете на www.omisguitarfest.com

(Насловна фотографија: Дарко Багески)



Врати се горе ↑