Македонија 10978608_897957450234905_170574145512125756_n

13 февруари, 2015

Оливера ќе си ја проба среќата на „Гласот“ и „Америка има талент“

Дека е упорна во намерата да го освои и американскиот пазар, докажува и фактот што се пријави на најпознатите музички натпревари во САД: „Гласот“ (The Voice) и „Америка има талент“ (America’s Got Talent). Оливера Ѓоргоска, која пред четири години замина во Флорида на магистерски студии по соло пеење, а следните три години ќе ги посвети на докторски студии на Универзитетот во Лас Вегас, ќе се обиде да го докаже својот талент и пред едни од најпопуларните музички имиња во светот, чии совети се од голема помош за сите кои сакаат да изградат кариера во музичката индустрија.

Сепак, не се пее веднаш пред познатите личности. Мора да поминеш неколку круга и да настапиш пред продуцентите. Откако ќе заврши тој тежок дел, следува полесното парче од приказната“, изјави за „Дневник“ талентираната прилепчанка, која се подготвува и за улогата на Сузана во операта „Свадбата на Фигаро“ од Моцарт, во продукција на операта при Универзитетот во Лас Вегас.

Аудициите пред судиите за десеттата сезона на „Америка има талент“, чиј основач е познатиот Сајмон Кауел, ќе започнат на 2 март, а емисијата ќе се емитува на „Ен-би-си“ од 26 мај до септември. Талентот на кандидатите ќе го оценуваат канадскиот актер и комичар Хауи Мандел, американскиот водител и продуцент Хауард Стерн, поранешната членка на британската група „Спајс грлс“ – Мелани Браун и светскиот топ модел Хајди Клум.

За разлика од „Х фактор“ и „Талент“, каде што често се пријавуваат и разни анти-таленти, критериумите за „Гласот“ се мошне построги. Можност да запеат пред ѕвезденото жири имаат само сериозни и професионални пејачи, кои единствено можат да се потпрат на својот глас и самата изведба на песната, бидејќи во првата фаза наречена „Слепи аудиции“, жирито е со завртен грб и доколку му се допадне тоа што го слуша, се врти кон изведувачот. Ако се заврти само еден член од жирито, кандидатот автоматски оди во неговиот тим, а доколку се завртат 2,3 или сите 4 членови на жирито, кандидатот сам одбира каде ќе оди, додека ако не се заврти никој, кандидатот и си оди дома.

Овој формат, чија оригинална верзија ја направи холандскиот продуцент и креатор на „Големиот брат“, Џон де Мол, е популарен ширум целиот свет, а на Балканот го има во Албанија, Бугарија, Грција и од годинава во Хрватска.

Во изминатите 7 сезони на американската верзија, редовни членови на жирито се кантри ѕвездата Блејк Шелтон и фронтменот на „Марун 5“, Адам Левин, кои повторно ќе седнат на црвените столчиња и во осмата сезона, а Си Ло Грин и Кристина Агилера во неколку сезони беа заменети од Ашер, Фарел Вилијамс, Шакира и Гвен Стефани. Во престојната 8 сезона, која ќе започне да се емитува на 23 февруари, исто така на „Ен-би-си“, Агилера повторно се враќа на своето место, а веќе втора сезона со ред дел од жирито ќе биде и хит-мејкерот Фарел Вилијамс.

На Оливера ѝ посакуваме многу среќа и успех, а нејзините аудиции и настапи во натпреварите ќе можеме да ги гледаме на „Јутјуб“.

И.Ј.

 



Врати се горе ↑