Македонија olivera-gjorgoska

1 ноември, 2013

Оливера Ѓоргоска ќе се пробива на американскиот пазар

Пејачката Оливера Ѓоргоска, која веќе две години живее на Флорида и е при крај со магистерските студии, наскоро планира да ја промовира новата песна на англиски јазик. Иако песната и видео записот се снимени ова лето, Оливера вели дека промоцијата за Македонија ја најавува за деновиве, бидејќи есента за неа е најпогоден период за работа, пишува Вечер.

„Спотот треба да биде промовиран за некој ден, и тоа на една од нашите телевизии, за жал, јас нема да бидам во Македонија, се враќам следното лето. Песната е дело на Гоце Симоновски, човекот кој ги направи поголемиот дел од моите песни, а текстот е мој“ – вели Оливера, која додаде дека песната е на англиски јазик оти планира голема промоција низ Америка заедно со уште неколку музички теми.

„Кога ќе бидат готови и останатите песни кои ќе бидат спакувани во мини-албум, имам во план да направам нивна промоција и низ Америка, а она што сакам да го откријам е дека моментално сум во преговори со една американска продукција. Ќе магистрирам во ноември, па ќе ми остане малку повеќе време за да се фокусирам на кариерата. Далечината е и друг фактор кој ги забавува работите“ – вели прилепчанката која додаде дека дел од англиските песни ќе добијат и македонска верзија, со што и официјално ќе се врати на македонската музичка сцена по долгата, оправдана пауза.

Видео записот за новата песна, кој ќе биде и прво видео издание за пејачката, го изработи Бојан Стоилковски, додека за изгледот на Оливера се погрижи веќе докажаниот стилист Даниел Николовски. Додека го очекуваме нејзиното најново музичко парче, да се потсетиме на темата „Заминувам“.

Извор: Вечер/Фото: Фејсбук



Врати се горе ↑