Балкан Oliver i Giboni

31 март, 2016

Оливер и Џибони со заеднички албум

Познатите хрватски музичари Оливер Драгојевиќ (68) и Златан Стипишиќ – Џибони (47) ги здружија силите во заеднички албум насловен „Фамилија“, каде што се сместени девет композиции. Како автор на музиката и стиховите се потпишува Џибони, а изданието беше најавено со сингловите „Гдје то пише“ од Оливер и „Онако, од ока“ на Џибони, кои можете да ги преслушате ексклузивно на хрватски „Т-портал“.

Сè се случи природно и спонтано. Џибони ми предложи соработка, а јас се согласив. Досега имавме многу настапи и изведовме неколку песни, па логично беше приказната да продолжи. Насловот ’Фамилија’ ми е многу убав, симболизира нешто што е многу важно. Овој проект е враќање кон вистинските вредности“, изјави Драгојевиќ.

Како што пренесоа хрватските медиуми, албумот се снимал од Корчула до Лос Анџелес, така што се собрала екипа од целиот свет. На пример, во темата „Онако, од ока“, гитарите ги свири Стив Стивенс, главниот соработник на Били Ајдол и Мајкл Џексон, а во друга песна гостува и нашиот гитарски виртуоз Влатко Стефановски.

„Кога ги пишував темите, не размислував во кој стил ќе бидат, во кој правец ќе се движат, туку дали се добри или не. Дали вие кога ги слушате ќе ви се појават морници по кожата или не“, додал Џибони (47).

Материјалите засега не се достапни за преслушување никаде, но затоа музичарите ветија дека подготвуваат одлично изненадување за своите обожаватели. Дотогаш уживајте со нивната заедничка изведба на хитот „У љубав вјере немам“.

Фотографија: Промо материјали (tportal.hr)



Врати се горе ↑