Македонија 1098277_10200364503454511_1162062231_n

9 август, 2013

Огнен Неделковски сними песна

Текстописецот Огнен Неделковски деновиве го оствари својот долгогодишен сон и сними песна. Во студиото на Славиша Ќиброски, тој, заедно со неговиот другар од детството, Ване Ѓоргоски, ја снимија нумерата „Споменар“. Темата ја компонираше Ване Ѓоргоски, текстот е на Огнен, а аранжманот го направи Славиша Ќиброски. Ване е музичар, кој долги години е дел од клупската сцена во Македонија, како дел од дуото Дежа ву бенд.

„Триесет години го терам другар ми Ване да сними една своја песна. Нашето другарство датира од училишните денови поминати во ОУ „Васил Главинов“, кога ги откривавме тајните на музиката. Ване продолжи да свири, а јас немав слух, па се откажав и се посветив на пишувањето текстови. Но, некаде длабоко во мене остана желбата да снимам една песна. Барем еднаш да застанам на сцената, со гитара во раце. На инсистирање на Ване, ете и јас сум дел од оваа музичка нумера“ – вели Огнен, чиј потпис стои на илјада македонски песни.

„Како деца сонувавме да станеме тандем како Ленон – Макартни, но јас отидов во друг правец на уметноста. Не ја оставив музиката и на секоја средба со Огнен се потсетувавме на тие моменти. Ја направив музиката за „Споменар“, но под услов заедно да настапиме. Песната е спомен на нашето детство, први љубови и другарство. Се надевам дека ќе биде прифатена, посебно од нашата генерација“ – додава Ване.

Нашата естрада нема причина за загриженост, затоа што Огнен во песната не пее, туку само рецитира. Ване е задолжен за интерпретаторскиот дел од песната. Како звучи тоа, премиерно ќе може да се слушне на 21-ви август, кога во состав на „Карпошовото лето“, до Карпата на Кејот на Вардар, со почеток во 20.30 часот ќе се одржи „Вечер на Огнен Неделковски“. Песната ќе биде дистрибуирана и до сите радиостаници.



Врати се горе ↑