Настани 97a46c76-6a8a-4214-a7c5-de9a252bde0a

3 април, 2015

„Офф-фест 2015“: Богата програма во знакот на Мали

Програмата на годинашното 14. издание на „Офф-фест“ е распоредена во пет богати фестивалски вечери на кои ќе настапат седум музички групи и изведувачи од три светски континенти. „Офф-фест“, кој во организација на Скопскиот џез фестивал ќе се одржи од 28 мај до 1 јуни, ќе ги пренесе звуците и магијата на Мали, Мароко, Јужна Кореја, Португалија и Македонија.

Музичката култура на Мали во фокус на „Офф-фест 2015“

Мали со својата богата музичка традиција е во фокусот на годинашното издание на фестивалот, во чии рамки ќе настапат три извонредни музички состави од овој регион на Западна Африка.  На првиот фестивалски ден (28 мај), публиката ќе ужива во настапот на Басеку Кујате (Bassekou Kouyate), мајсторот на традиционалниот инструмент нгони и неговиот еклектичен состав „Нгони ба“, кои ќе го претстават материјалот од својот најнов албум „Ba Power“. Басеку Кујате и „Нгони ба“ последниве години важат за највозбудливиот бенд кој доаѓа од Африканскиот континент. Музичката приказна за Мали ќе продолжи веќе следната вечер (29 мај), кога вљубениците во добриот звук ќе имаат можност да го проследат концертот на легендарниот блуз гитарист и симболот на независноста на Мали – Бубакар Траоре. Последниот фестивалски ден (1 јуни) е резервиран за концертот на светската музичка сензација – виртуозните музички бунтовници „Тинаривен“ (Tinariwen).

Јужна Кореја, Мароко, Португалија и Македонија

„Офф-фест“ на 28 мај (четврток) ќе започне со концертот на иновативниот пост-рок/ворлд-мјузик состав и во моментов најголемата музичка атракција од Кореја, бендот „Џамбинаи“ (Jambinai). На 30 мај (сабота) публиката ќе патува низ магијата на фадо музиката на португалката Лула Пена и ќе ужива во концертот на популарната мароканска пејачка и кантавторка Хинди Захра, која во Скопје ќе го изведе својот најнов албум „Homeland“. Македонската етно ризница ќе биде претставена на концертот на групата „Чалгија саунд систем“ (Chalgia Sound System), кој ќе се одржи за 31 мај (недела).

Сите концерти на „Офф-фест“ оваа година ќе се одржуваат во Младинскиот културен центар (Кино Фросина и Денсинг сала). Во рамките на фестивалот ќе бидат прикажани и два музички документарни филмови – „Ќе пеам за тебе” („Je chanterai pour toi”), приказна за легендата Бубакар Траоре и  филмот „Последната песна пред војната“(„The Last Song Before the War“), документарец посветен на „Фестивалот во пустината“ во Мали.

Влезниците за „Oфф-фест“ ќе бидат пуштени во продажба на 28 април (среда) на продажните места на Југотон Рекордс, МКЦ и онлајн на www.mktickets.mk.



Врати се горе ↑