Настани

12 март, 2019

„Офенбах“, „Напалм дет“, Војко В и „Страјк“ пристигнуваат на „Д фестивал 2019“

„Д фестивал“, кој ова лето ќе се одржува од 12 до 14 јули во Дојран, може да се пофали со армија фанови кои ја препознаваат неговата вредност и уникатност, па на повеќе од четири месеци до одржувањето, стигнува и потврдата за тоа со веста дека порано од кога било досега, веќе е распродаден првиот контингент влезници. Причина повеќе за огромниот интерес секако е и првиот бран на изведувачи кој претставува актуелни музички имиња од сите страни на светот и тоа во најголем дел со премиерни настапи во Македонија! Во таа листа, покрај веќе најавениот настап на холандската музичка сензација и трикратни сопственици на наградите „Битпорт мјузик“ – „Нојзија“(Noisia) – своите настапи на главната бина ги потврдија уште и најпопуларните нови ѕвезди на француската електронска сцена „Офенбах“ (Ofenbach), бендот кој ги постави темелите на грајндкор-сцената – „Напалм Дет“ (Napalm Death), во моментов најбараниот изведувач во регионот, сплитскиот рапер Војко В и гордоста на македонскиот андерграунд хип-хоп „Страјк“!

За големото отворање на „Д фестивал“ ова лето, во петок, 12 јули, главната бина е резервирана за парискиот музички феномен „Офенбах“најактуелните ѕвезди на денс-поп сцената! На првата фестивалска вечер хитмејкерите зад „Be Mine“, „Katchi“ и „Paradise, за првпат пред македонската публика ќе настапат со своите енергични траки кои се необичен спој на чил-електро и инструментални делници извлечени од нивната љубов за рокенрол и блуз-музиката. Тандемот составен од Дориан Ло и Сезар де Румел, развивајќи го иницијалниот моментум, во 2016 ја објавија „Be Mine“ – хитот кој ги лансираше кај интернационалната денс-поп публика и со кој ги освоија топ-листите ширум светот. Набргу потоа престижниот „Диџеј маг“ ги прогласи за Најдобар нов талент од Франција, а беа дел и од плејлистата на Најдобри нови таленти на „Спотифај“ за 2017 година. „Офенбах“ денес можат да се пофалат со повеќе од 250 милиони прегледи на Јутјуб и мултиплатинести синглови, а нивниот серијал со миксови, „Monthly Delights“, на Саундклауд привлече култно почитување за нивните внимателно составени плејлисти од нови траки, ремикси и стари омилени хитови.

Истата вечер, на главната бина ќе одекне и врвниот хип-хоп претставен од двајца подеднакво значајни уметници, но претставувајќи комплетно различни стилови на овој музички израз. Од регионот тоа е ВОЈКО В (познат и како Војко Вруќина), сплитски рапер и продуцент познат по својата работа во бендовите „Дјечаци“ и „Киша метака“. Во 2018 тој одлучи да заплови во соло-водите и оствари рекорден успех, веднаш распродавајќи го настапот во Домот на спортови во рамките на промоцијата на деби-албумот „Војко“. Дека неговото враќање на соло-кариерата е одлична одлука, покажа тоа што неговиот прв сингл Зови човика“, е прегледан речиси 3 милиони пати. Неговата кариера буквално експлодираше и за помалку од една година стана еден од најраспродаваните артисти во регионот. Лани го „сруши интернетот“ со објавувањето на Паста Италијана“, „Не може“, „Како то“ и стана моментално најбараниот изведувач во регионот. Годинава е номиниран за дури шест награди Порин, меѓу кои и Албум на годината и Песна на годината.

Од подземјето на македонскиот хип-хоп на главната бина на „Д фестивал“ пристигнува и „Страјк“, изведувачот за кој не треба посебно објаснување бидејќи неговото дело говори повеќе од доволно! Кариерата ја започнува во 1997, како еден од основачите на „Легијата“ и еден од првите артисти што соработуваа со „Шурикен Рекордс“, каде се појавува на првото издание – „SK Street Beatz“. Во 2001-ва заедно со Блажеј ја формираат групата СТР2 – насловена по графитите на Страјк, кратенка за „Стриктно Тврди Рими/Сон-Темнина/Реалност“ – и го објавуваат албумот „Не заборавај“. Потоа ги остварува и првите настапи како диџеј на Да Џака Накот, со што покрај графитите и рапувањето ја опфаќа и третата гранка на хип-хопот – диџејството, а следува и активната соработка со диџеј Гоце (С.А.Ф) со кој соработува и на своите два солистички албуми – „Кутија“ и „Земен рај“. Иако веќе со години ужива култен статус меѓу познавачите на македонскиот андерграунд хип-хоп, својот прв самостоен и веднаш распродаден концерт го одржа дури лани во декември во рамките на фестивалот „Таксират“. Настапот на „Д фестивал“ ќе биде неговиот единствен за ова лето.

Последната вечер, недела, 14 јули на „Д фестивал“ доаѓаат и „Напалм дет“ – пионерите на грајндкор-сцената со речиси четириесет години кариера. Нивното долготрајно влијание во светот на соничното дивјаштво започна во 80-тите, кога првите два албуми на бендот – „Scum“ и „From Enslavement to Obliteration“ го подобрија и редефинираа значењето на бруталноста и брзината во светот на панкот, хардкорот и металот. „Напалм дет“ беа – и сè уште се – водени од жестока интелигенција и искрена желба да го направат светот подобар, преку промоција на рационална мисла и почит за сите луѓе, а нивните неуморни потфати на музичката сцена го зацементираа статусот на „Напалм дет“ како екстремни музички легенди. Во последните 20 години, бендот објави поголем број на револуционерни и бестрашни албуми и други изданија кои „постојано прават дупки со тупаници во оградата на хеви-музиката“, фалејќи се со неуништиво кредо на креативност и лиричен оган по патот.

ЗАПОЧНА втората промо-етапа во акцијата „Ран корморан“!

Првиот контингент влезници од акцијата „Ран корморан“ на „Д фестивал“ се веќе целосно распродадени и тоа забележувајќи го досега најголемиот интерес за фестивалот! Во моментов актуелна е втората етапа од оваа акција со новата ПРОМО-ЦЕНА за тридневните билети од 800 денари (без кампување)  и 850 денари (со кампување), а која ќе важи само за органичен број на влезници достапни во продажба на сите благајни на МкТикетс и онлајн.



Врати се горе ↑