Македонија tase milosevski 1

20 август, 2014

Одржана манифестацијата „Народни песни и ора“ во Ресен‏

Во неделата (18 август) воРесен се одржа манифестација „Народни песни и ора“,  на која настапија Културно уметничко друштво „Таше Милошевски“ од Ресен, најстарото друштво во Македонија кое постои 69 години, како  и Асоцијацијата за фолклор „Плетенка“, изведувајќи десеттина сплетови, меѓу кои и „Осоговка“, „Сред село“, „Калајџиско“, „Цвеќеберачки“, „Оркестарско оро“, „ Малешевка“ и други.

Модератор на вечерта беше новинарката Валентина Ѓоргиевска Парго, родена ресенчанка и поранешпна членка на играорната. Во преполната спорска сала присутни беа и високи претставници, меѓу кои и ресенскиот градоначалник м-р Ѓоко Стрезовски, Владиката на Европската епархија Пимен (роден ресенчанец), хрватскиот конзул во Битола, Бранко Маретиќ и други.

Познатото Културно уметничко друштво „Таше Милошевски“ е првото културно уметничко друштво основано во Македонија. Оваа ресенска играорна група, формирана во далечната  1945 година, преку песната и орото, со звуците на гајдата и тапанот цели 69 години врвно и достоинствено ја презентира Преспа и Македонија пред широкиот светски аудиториум со нејзините обичаи и колоритен фолклор. Денес, во рамките на друштвото работат повеќе групи кои ја негуваат старата македонска песна и македонската фолклорна уметност.

Настапите на КУД „Таше Милошевски“ останаа врежани во срцата на многу луѓе кои ги следеле  на европските фестивали, а како резултат на восхитеноста што ја предизвикувале кај публиката, добивани се и бројни признанија и награди во изминативе години. Забележливо е дека Ансамблот користи мошне богата и оригинална традиционална носија за сите сплетови кои ги изведува, носија која изобилува со рачно изработени везови и други орнаменти, со што се збогатува вкупниот впечаток при нивната изведба на уште побогата концертна програма.

Седумдеценискиот влог во градењето на континуитетот и традицијата на КУД „Таше Милошевски“, не е случајност. Ресен е град со голема музичка  историја. Тој е градот на првите серенади, испеани „под пенџерите на  чупињата“, градот на опеаниот музичар Пере Ноче, на Пара и Мице,  на Васето на Тановци и Томе на Тозијовци,  на историски значајниот Ансамбл „Распеани Ресенчани“, на музичките семејства Кремшовци, Ночевци, на врвниот педагот Кирил Христовски-Кире Музичарот, на групите „Персиди“, „Андромеди“, „Орбити“ и многу други познати и признати поранешни и актуелни музички уметници. Сите тие заедно го сочинуваат ресенскиот музички мозаик, во кој централното место го има КУД „Таше Милошевски“, со гордост да повториме првото и најстарото играрно друштво во Македонија. Друштвото е насловено по ресенски борец Таше Милошевски.

Асоцијацијата за фолклор „Плетенка“ е формирана во 2001 година од група ентузијасти, како продолжение на некогашното културно уметничкото друштво при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола. Оваа позната битолска Асоцијација за фолклор  исто така има за цел да го негува и да го презентира македонскиот фолклор и култура во земјава и во странство. Но, и да ги запознава помладите генерации со македонската традиција, македонските корени, македонскиот ентитет затоа што тоа е базата која го сочинува и карактеризира еден народ. Во ова Културно уметничко друштво работаат три секции: фолклорна, пејачка и музичка.  И во нив има припадици од разни генерации.

Културно уметничко друштво „Таше Милошевски“ од Ресен догодина ќе го прослави својот седумдесетгодишен јубилеј.



Врати се горе ↑