Галерија lile

15 јуни, 2015

Одржан 5. слем натпревар во Скопје

Викендов, во МКЦ, во рамките на арт-фестивалот „Paratissima 2“ се одржа слем натпревар, петти по ред за оваа година во организација на поетри-слем тимот од Македонија, на кој настапија организаторите Елена Пренџова и Игор Трпче и коорганизаторите за градовите Тетово и Кавадарци, Перо Сарџоски и Цвета Колева, како и десетина учесници од повеќе градови од Македонија: Анѓела Милевска, Виктор Јакимовски, Лиле Јовановска, Мила Гроздановска, Слаѓана Ставрева (Скопје), Воислав Пехчевски (Берово), Жаклина Филипова- Свеќаровска (Кочани), Коста Карев (Гевгелија) и Славица Карова (Кавадарци).

Коста Карев, 2. место

Мила Гроздановска, 2. место

Скопската публика беше активна и го дочека слемот со голем интерес, а тричленото жири избрано од публиката за победничка ја избра средношколката Лиле Јовановска (насловна фотографија), која се претстави со многу зрел поетски текст со силна порака и соодветна слем интерпретација. Второто место го делеа Коста Карев и Мила Гроздановска. Карев е повеќекратен учесник на слем настаните и за прв пат меѓу победниците, кој прогресира во слем настапот со секој нареден настан, а Гроздановска е средношколка која, како и нејзината врсничка победничка, се претстави со исклучително зрел поетски текст и доминантно моќен слем настап. Третото место ѝ припадна на Жаклина Филипова – Свеќаровска, која исто така не заостануваше зад претходните две места, ниту со квалитетот на текстот, ниту со настапот.

Жаклина Филипова – Свеќаровска, 3. место

Според искуството на слемот во Скопје, поетри-слем тимот смета дека убедливо иднината на слемот во Македонија е во младата тинејџерска популација, затоа што, и покрај тоа што за прв настапуваа на ваков настан, тинејџерите покажаа дека навистина се проникнати во специфичностите на карактерот на слемот, и дека, можеби и како генерација, се најблиски до него. На слемот се натпреваруваа и двајца гости од Белград, Србија, слемерот Радован Божовиќ и поетесата Катарина Фиаменго. Вчера (недела) во 19 ч. во кафе барот Мадам кафе во Дебар маало се одржа поетско претставување и средба со нив, а вечерва во 21 ч. на платото пред МКЦ ќе се промовира заедничка збирка поезија на Катарина Фиаменго и Елена Пренџова со која поетесите ќе се претстават со препев на македонски, односно српски јазик.

Радован Божовиќ



Врати се горе ↑