Аудио origjanski-lesoski-beni

26 декември, 2013

Одлична соработка на Златко Ориѓански, Дарко Лешоски и Бени Шаќири

Познатиот музичар Златко Ориѓански деновиве ја претстави својата нова песна насловена „Си беше еднаш“, а интересно е тоа што за истата соработуваше со познатиот рок музичар и фронтмен на бендот Нон Стоп, Бени Шаќири, како и поетот Дарко Лешоски, кој заедно со Ориѓански се потпишува како автор на текстот.

„Секоја песна има своја Борхесовски ’лажна’ или тотално вистинита историја и адреса… Така и оваа. Ова е нејзина прва официјална верзија… Барајќи пејач кој би можел да ја отпее, песната во демо верзија ја дадов на неколку луѓе… еден мој пријател, без да знам, ја треснал демо верзијата на ЈуТјуб. Немаше назад. Но… помина време и еве, денес, би сакал да ја чуете официјалната верзија која наскоро ќе излезе и на албански јазик. Благодарам на Бени Шаќири, Дарко Лешоски, Божидар Кочоски и Никола Деребанов. Ви посакувам сè најубаво во 2014! Да живееме!“ – напиша Ориѓански претставувајќи ја темата насловена „Си беше еднаш“.

Песната е снимена и продуцирана во студото „Тралала“ од страна на Мите Димовски, а за мелодијата да звучи комплетно придонесоа и Пеце Христовски на саксофон, Лазар Сандев на мандолина, Душко Божиновски на хармоника, Илија Филиповски на виолина, Бале Трајковски на кларинет и Славчо Коцев на ударни инструменти. Како звучи сето тоа можете да слушнете во продолжение.

 



Врати се горе ↑