Балкан x factor adria

30 октомври, 2013

Одличен почеток на регионалниот X Factor (видео)

Синоќа започна првата емисија од регионалното издание на најпознатиот музички натпревар во светот,  X Factor. Во рамките на овој проект се натпреваруваат кандидати од четири земји од регионот, односно Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Во вчерашната прва емисија имавме можност да видиме повеќе кандидати од горенаведените земји, но и пошироко. Доказ за популарноста на овој музички формат е и кандидатката од Хрватска, Ирма Драгичевиќ, чија аудиција беше можеби една од најинтересните, благодарение на невообичаениот прсврт.

Меѓу првите аудиции кои имавме можност да ги видиме се на  кандидатите Милана Дрљача од Бања Лука (БиХ), Алекса Перовиќ од Краљево (СР), Јана Вуковиќ и Лука Грумиќ од Белград (СР), потоа „мултимедијалниот уметник“ Славко Калезиќ од Подгорица (ЦГ), кој имаше една од највпечатливите аудиции, како и „двојникот“ на Здравко Чолиќ – Петар Јојиќ Перчоли, кој не само што наликува на Чола, туку и звучи како него. Навистина интересни аудиции имаа и кандидатките Христина Вуковиќ од Белград и Ирма Драгичевиќ од Вараждин (ХР), но кандидатката која ги дигна на нозе сите присутни во салата беше 13-годишната Илма Карахмет од БиХ.

Од нашите македонски кандидати можевме да ги видиме аудициите на третопласираниот изведувач на годинешното издание на Макфест 2013, талентираниот 17-годишен кумановец Мартинијан Кириловски кој се разбира дека доби четири позитивни одговори од жирито. Следната кадидатка од Македонија е Ангела Митева (16) од Скопје која доби одлични коментари од жирито и со четири „Да“ продолжува понатаму. Позитивен впечаток остави и 19-годишната Мања Софрониевска од Скопје, која покрај „At Last“ од Ета Џејмс, ја отпеа и нашата народна песна „Јовано, Јованке“ и со четири „Да“ продолжува во следната фаза од натпреварот. Македонските кандидати можете да ги погледнете во продолжение, а веднаш потоа и сите останати настапи од синоќа (составена е плејлиста, така што секое следно видео автоматски ќе започне штом заврши претходното).

 

 

 



Врати се горе ↑