Видео 100_0863

6 јуни, 2014

Одличен почеток на „Макфест 2014“, познати првите 9 финалисти

Синоќа во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип се одржа првата фестивалска вечер од 29-тото издание на „Макфест 2014“, а бројната публика во салата и пред малите екрани имаше можност да ги преслуша првите 15 композиции за годинава. Вечерта беше отворена со танцова точка на „Прима Данца“ и Марјана Станојковска, која нè водеше низ оваа макфестовска приказна заедно со Димитар Атанасовски позади сцената.

Манифестацијата беше вистинско доживување благодарение на ревискиот оркестар на МТВ, кој во живо ги придружуваше сите изведувачи збогатувајќи ги сите композиции, а прекрасната сцена за секој настап изгеледаше магично. Честа да настапи прв ја имаше штипјанецот Јоце Панов, чија композиција „Само немој да молчиш“ подоцна вечерта успеа да собере најмногу гласови од публиката ширум Македонија.

 

По кратка пауза од музичката сцена, Александар Белов настапи со темата „Дојди ми ти“, песна која малку потсетува на стилот на Здравко Чолиќ и која сигурно ќе биде една од најслушаните, а благодарение на публиката ќе имаме можност да ја слушнеме и во големото финале во сабота. „Сите знаат“ е насловот на одличната балада со која се претстави Емил Арсов и која според гласовите на публиката продолжува во финале, а уште еднаш ќе го видиме и Мики Секуловски чија емотивна балада „Како да преживеам“ го доби најголемиот аплауз за вечерта.

 

„Старата навика“ на Бојан Стојков за жал не успеа да собере доволно гласови за финале, исто како и минатогодишната победничка Александра Јанева чија композиција насловена „Спремна сум“, за жал, нема да ја слушнеме во сабота.

 

Одличен настап и хитовска композиција имаше и дебитантката Кристина Костовска, но темата „Да си мој“ за жал нема да ја слушнеме во сабота.

 

Иако се навикнавме да ја слушаме со хитовските рефрени како дел од The Sound Messengers, Симона Попоска вчера нè почести со прекрасна балада насловена „Како да заборавам“, чии автори се Ерик Фокс, Магдалена Цветкоска и хтимејкерот Зоран Алексиќ, а моќна и емотивна балада со интересен сценски настап имаше и Дарко Илиевски. И двете песни собраа доволно гласови за пласман во финале.

 

По навистина долго време на музичката сцена се врати и Искра Трпева Арсовска, но и покрај одличниот настап и композицијата „Еве ме“ за жал не успеа да се пласира во финале, а во сабота нема да ја видиме ни легендарната Лидија Кочовска чија балада „Љубов недозволена“ не собра доволно гласови од публиката. Двете изведби можете да ги погледнете во продолжение.

 

Пејачката која на макфестовската сцена се чувствува како дома, Маја Вукичевиќ синоќа се претстави со песната „Остани“, а благодарение на публиката ќе ја видиме уште еднаш и во големото финале. Певлив рефрен имаше и композицијата „Само мој“ на Викторија Лоба која исто така успеа да се пласира во финале.

 

Последните две изведби беа резервирани за новопечената мајка Наде Талевска која се врати на сцената со „Карта во рака“, но оваа композиција за жал не собра доволно гласови за финале. Последната финалистка која благодарение на публиката ќе продолжи да се бори во финале е Лена Заткоска со баладата „Ти не знаеш“.

 

За време на гласањето, во ревијалниот дел настапи легендарниот Драган Мијалковски коj нè потсети на неговите најголеми хитови од неговата повеќедецениска кариера. Првите девет финалисти и Гласовите од СМС пораките можете да ги погледнете во продолжение.

  • Јоце Панов – „Само немој да молчиш“
  • Александар Белов – „Дојди ми ти“
  • Емил Арсов – „Сите знаат”
  • Мики Секуловски – „Како да преживеам“
  • Симона Попоска – „Како да заборавам“
  • Дарко Илиевски – „Кога најмногу ми требаш“
  • Маја Вукичевиќ – „Остани“
  • Викторија Лоба – „Само мој“
  • Лена Заткоска – „Ти не знаеш“

Вечерва ќе ги слушнеме и преостанатите 15 композиции за годинава, а 9 од нив ќе им се придружат на веќе познатите финалисти од синоќа. Редоследот на песни за вечерва можете да го видите во продолжение, а во ревијалниот дел денеска ќе уживаме со настапот на победникот на X Factor, Даниел Кајмакоски.

Втора фестивалска вечер:

1. „Денот да е убав“ – Сара Мејс (музика, текст и аранжман: Сара Костадиновска)

2. „Вино и вистина“ – Дејан Тасев (музика и текст: Дејан Тасев, аранжман: Иле Спасев)

3. „Ако времето е најдобар лек“ – Елвир Мекиќ (музика и аранжман: Димитар Димитров, текст: Елвир Мекиќ)

4. „Стара чаршија“ – Филип Јордановски (музика и текст: Блаже Темелков, аранжман: Дарко Тасев)

5. „Танго“ – Нокаут (музика: Никола Перевски и Владимир Крстевски, текст: Игор Џамбазов, аранжман: Никола Перевски и Дарко Димитров)

6. „Безимена“ – Миле Кузмановски (музика: Драган Вучиќ, текст: Анита Даева, аранжман: Дамир Имери)

7. „Можев“ – Горан Наумовски (музика, текст и аранжман: Андријана Јаневска)

8. „Дали сонот има крај“ – Наташа Малинкова (музика, текст и аранжман: Стојанче Арамов)

9. „А ти си одиш“ – Кристијан Мицев (музика: Григор Копров, текст: Борче Димитров, аранжман: Владимир Дојчиновски)

10. „Моја најмила“ – Мартинијан Кириловски (музика и текст: Магдалена Божиновска Стојанова, аранжман: Илија Ќосевски)

11. „Пред мене“ – Александар Тарабунов (музика и аранжман: Дамјан Лазаров, текст: Ана Пандевска)

12. „Тажна љубов, среќна песна“ – Тамара Тодевска (музика и аранжман: Роберт Билбилов, текст: Игор Џамбазов)

13. „За тебе и мене“ – Влатко Илиевски (музика, текст и аранжман: Владимир Дојчиновски)

14. „Врати се“ – Биба Додева (музика и текст: Биба Додева, аранжман; Дамјан Лазаров)

15. „Помеѓу денот и ноќта“ – Роберто Поп Димитров (музика, текст и аранжман: Роберто Поп Димитров)

Подготвија: Ивона Јанкова и Сања Неткова



Врати се горе ↑