17 мај, 2013

Одличен настап на Есма и Лозано, но Македонија не оди во финале

Синоќа во Малме арената се одржа втората полуфинална вечер од овогодинешното евровизиско шоу, а нашите претставници Есма и Лозано се претставија под реден број три. Од седумнаесетте земји кои синоќа се натпреваруваа за влез во големото финале, десет од нив успеаја да обезбедат пласман, но за жал, Македонија не беше една од нив. Есма и Лозано навистина се покажаа во најдобро светло, имаа одличен настап без ни малку трема, а како тоа изгледаше можете да видите горе.

Годинешново издание е вистинско фијаско за скоро сите балкански земји; ниту една земја од поранешна Југославија нема да има втора шанса да запее на евровизиската сцена во сабота, а од Балканот се пласираа само нашиот јужен сосед и Романија.

На 18-ти, покрај 20 финалисти кои беа избрани во двете полуфинални вечери, ќе ги видиме и претставниците на петте земји кои секоја година одат директно во финале (Велика Британија, Франција, Шпанија, Германија и Италија), како и овогодинешниот домаќин Шведска. Која од овие 26 земји ќе биде домаќин следната година останува да дознаеме во сабота, а според прогнозите фаворит за победа е Данска.



Врати се горе ↑