5 февруари, 2018

Одличен настап на Џастин Тимберлејк на „Супер боул 2018“

Џастин Тимберлејк настапи на полувремето на вчерашното, 52. финале на американската Национална фудбалска лига, во чии рамки приреди вистинско шоу за присутната публика, но и милионите гледачи што го следеа телевизискиот пренос на еден од најгледаните спортски настани во САД. Популарниот пејач, кој пред само два дена го објави петтиот студиски албум „Man Of The Woods“, настапот го започна токму со најавниот сингл „Filthy“, а потоа продолжи со мешавина од своите најголеми хитови, како што се „Rock Your Body“, „Señorita“, „Sexy Back“, „My Love“, „Cry Me A River“, „Suit And Tie“, „Until The End Of Time“ и „Mirrors“.

Имајќи предвид дека натпреварот се одржуваше во Минеаполис, родниот град на легендарниот Принс, Џастин сакаше да му оддаде чест на покојната ѕвезда, но иако имаше гласини дека на сцената ќе се појави негов холограм, сепак била испочитувана неговата желба тоа да не се случи. „Холограмите се најдемонската работа што можам да ја замислам“, рекол тој своевремено, па наместо тоа, додека Џастин ја пееше неговата балада „I Would Die For You“, на огромно платно се прикажуваа снимки од некогашни настапи на Принс, а и целиот стадион беше осветлен со виолетова боја.

13-минутниот настап кулминираше со минатогодишниот мегахит „Can’t Stop The Feeling“, за кој Тимберлејк доби и номинација за Оскар, а како изгледаше сето тоа можете да погледнете горе.

Инаку, ова беше третпат за Тимберлејк да настапи на овој настан, каде што претходно учествуваше како дел од неговата матична група „Ен-синк“ во 2001 година, а во 2004 го имаше еден од најскандалозните настапи воопшто, кога ненамерно ја разголи градата на Џенет Џексон. Иако многумина очекуваа таа да се појави на вчерашното шоу, тоа сепак не се случи, па можеби ќе ги видиме заедно во некоја друга пригода.

И.Ј. 



Врати се горе ↑