Македонија 11224381_10152753374517382_8182983886093243394_n

3 јуни, 2015

Одбрани првите 9 финалисти за „Макфест 2015“

Вечерва во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип започна јубилејното 30. издание на фестивалот на забавни мелодии „Макфест“, во чии рамки се натпреваруваат вкупно 30 композиции. Во вечерашната прва полуфинална вечер настапија 15 изведувачи, но само 9 од нив обезбедија пласман за финале. За нивната судбина одлучуваше стручно жири, чии гласови изнесуваа 70% од вкупните поени, како и телефонското гласање на публиката, која учествуваше со 30%.

Манифестацијата ја водеа Марјана Стојановска и Марко Новески, а изведувачите беа придрижувани од ревискиот оркестар на МРТ. Честа да ја отвори вечерта ја имаше Евгенија Чанчалова, а за место во финалето се бореа и Александра Кукушева, Дејан Тасев, Ѓоко Танески, Влатко Илиевски, „Маротов бенд“, Димитар Андоновски, Огнен Здравковски, Теодора Зеровска, Маја Вукичевиќ, Јоце Панов и Зуица Лазова, Игор Митровиќ, Виктор Апостоловски, Верица Пандиловска и Дејан Стојанов. Во ревијалниот дел, за време на гласањето, публиката имаше можност да ужива со специјалната гостинка Пепа Димитрова, која призна дека имаше трема за овој настап пред нејзините сограѓани.

Откако се сумираа гласовите од жирито и публиката, истите во форма на поени им беа доделувани на сите 15 натпреварувачи, така што 9-те финалисти кои повторно ќе ги видиме в петок се: Маја Вукичевиќ, Евгенија Чанчалова, Огнен Здравковски, Игор Митровиќ, Јоце Панов и Зуица Лазова, Ѓоко Танески, Александра Кукушева, Виктор Апостоловски и Верица Пандиловска. Колку поени доби секој од изведувачите можете да погледнете во продолжение.

Утревечер со почеток од 20.30 часот на првата програма на МРТВ ќе се пренесува и втората полуфинална вечер, кога за пласман во финале ќе се натпреваруваат уште 15 изведувачи: Даниел Данн, Александра Михова, Александра Андова, Лена Заткоска, Панче Илиев и Иле Кикиритков, Марјан Стојановски, Бојана Атанасовска, Ивана Наумова, Ивона Јовановиќ со „Рафинерија“, Наде Талевска, Зоран Илиев, Наташа Малинкова, „Браво бенд“, Горан Наумовски и Дарко Илиевски.

Сите 18 финалисти (по 9 од двете полуфинални вечери) в петок, 5 јуни, ќе се натпреваруваат за вредни награди – освојувачот на првото место ќе добие 10.000 евра, за второпласираниот се предвидени 7.500 евра, додека третонаградената композиција ќе биде наградена со 5.000 евра во денарска противвредност. Исто така ќе има награда од по 1.000 евра за најдобриот дебитант, сценски настап и аранжман.

И.Ј.



Врати се горе ↑