Македонија mf

6 март, 2015

Одбрани 20 композиции за „Макфест 2015“

Вкупно 34 композиции пристигнале на конкурсот, кој фестивалот на забавни мелодии „Макфест“ го распиша во декември минатата година, а траеше до 31 јануари годинава. По преслушувањето на пристигнатите композиции од страна на селекционата комисија, одлучено е 20-те најдобро бодовно рангирани да бидат поместени во програмата на фестивалот, пишува во соопштението на официјалната веб страна на „Макфест“.

Ова е прв пат во последните 15 години поголемиот дел од композициите да се изберат преку конкурс: „Нивото или квалитетот на песните е малку повисок, а од друга страна и самите автори се потрудиле малку повеќе, имајќи предвид дека лани имавме 85 композиции, а се избраа само 5. Можеби минатата година мислеле дека многу полесно ќе поминат и очигледно како резултат на токму тој третман, оваа година биле многу посериозни и се потрудиле и доставиле многу поквалитетни песни“, изјави Драган Спасов, шеф на прес центарот на „Макфест“, за штипската телевизија „Стар“.

Со оглед на тоа што предвидени се 30 композиции, останатите 10 ќе бидат обезбедени со договор со авторите: „Како и секоја година ќе се оди со директни преговори со самите автори, со нарачки, со композитори, а изборот на музичарите го оставаме на нив“, додаде Спасов.

 

Концептот и годинава останува ист – две полуфинални и една финална вечер, а сите композиции повторно ќе бидат изведени во придружба на Ревискиот оркестар на МРТВ. За разлика од минатата година, овој пат наградите се речиси двојно помали, така што победникот ќе добие 10.000 евра, второпласираниот 7.500, а третопласираниот 5.000 евра (за сите награди можете да се потсетите овде).

На јубилејното 30. издание на „Макфест“ ќе настапат: Ѓоко Танески, Боби Мојсоски, Наде Талевска, Верица Пандиловска, Маријан Стојановски, Лена Заткоска, Евгенија Чанчалова, „Браво бенд“ и други, а целосниот список со изведувачи, автори и композиции погледнете го на веб страната на фестивалот.

И.Ј.

Насловна фотографија: Макфест.мк



Врати се горе ↑