Свет u2

13 јануари, 2013

Од септември во продажба новиот албум на U2

Ирската рок група ЈуТу (U2) нивниот нов албум би требало да го објави во септември, а постои можност наскоро по него да објави уште еден, изјавил тапанарот на бендот – Лари Мулен, пренесуваат ирските медиуми. Мулен (51) за државната телевизија RTE изјавил дека тринаесеттиот по ред студиски албум од бендот би требало да пристигне на есен.

„Се надеваме дека до крајот на летото ќе завршиме со снимање и ќе имаме што да објавиме во септември. Сакаме едно објавување да имаме во септември, а набрзо потоа и уште едно.“ – рекол Мулен. Според зборовите на Мулен, новиот албум кој сè уште нема официјален наслов, го продуцира познатиот американски музичар и композитор Брајан Бартон, попознат како Дејнџр Маус. Тоа е редок случај ирскиот бенд да не работи со вообичаениот круг на продуценти кои се менуваат од албум до албум, а тоа се Брајан Ино, Даниел Ленуа, Стив Лиливајт и Флод.

При крајот на минатата година, пејачот на бендот – Боно Вокс како работен наслов за ова издание го споменал  насловот „10 Reasons To Exist“ (10 причини за постоење), но додал и дека бендот има барем уште шест можни наслови. Авторите на албумите како што се „The Joshua Tree” (1987), „Achtung Baby“ (1991) и „All That You Can Leave Behind“ (2000), последното музичко издание „No Line On The Horizon“ го објавија во 2009 година. Овој албум не беше толку продаван како претходниот, на него не се најдоа некои големи хитови, но послужи како повод за светската турнеја „360 степени“, која стана најуспешна во историјата на рок музиката со заработка од 736 милиони долари, со што ја спушти на второ место познатата „A Bigger Bang“ турнеја на Ролинг Стоунс.

Инаку, во останатиот дел од интервјуто за државната телевизија, Мулен открил зошто и тој, како и неговите колеги од бендот Боно и Еџ, се посветил на филмот и актерството: „Поминав 30 години седејќи позади нешто, гледајќи машки задници. Уживам во тоа, прекрасно е, но кога ќе го погледнам Боно, а особено Еџ откако отиде на Бродвеј, се чувствувам дека не целам доволно високо.“ – објаснил Мулен, кој играше во филмот „Man Оn А Train“ заедно со Доналд Сатерленд.

 



Врати се горе ↑