Видео x-factor-2013-sam-bailey

16 декември, 2013

Од чувар во затвор до победник на X Factor: Сем Бејли го живее својот сон!

Изминатиов викенд во Велика Британија помина во знакот на најпопуларниот музички натпревар X Factor, кој синоќа го доби својот 10-ти победник (заклучно со годинава британскиот X Factor има 10 сезони). Од илјадниците кандидати кои се пријавија од сите земји на Обединетото Кралство, само најдобрите 12 имаа можност да настапуваат во живо во текот на 10-те финални вечери, кои се емитуваа секој викенд во изминативе два месеца. Четирите категории за свои ментори ги имаа познатите музички менаџери Луи Волш и Шерон Озборн, лидерот на популарната британска група Тејк Дет – Гери Барлоу и американската пејачка Никол Шерцингер. Секој од нив во својата категорија имаше навистина одлични кандидати, а за поголемиот дел од нив голема е веројатноста наскоро да ги видиме на музичкиот пазар.

Иако категоријата на „постари од 25 години“, чиј ментор беше познатата „г-ѓа О“ (Шерон Озборн), уште во првите две недели изгуби 2 од трите натпреварувачки, сепак последната кандидатка уште еднаш ја потврди познатата изрека „една, ама вредна!“. Станува збор за 36-годишната Саманта „Сем “ Бејли, која во изминатите неколку месеци имаше навистина прекрасно патешествие. Уште на првата аудиција со изведбата на познатиот хит „Listen“ од Бијонсе, Сем ги воодушеви членовите на жирито, а подоцна (на втората аудиција) и сите присутни во салата. Имено, пред да се пријави на X Factor, Бејли беше сопруга, мајка на две деца и чувар во затвор. Но, со само една аудиција сето тоа се промени! Сем беше очигледен миленик на целата земја, не само заради прекрасниот глас, туку и нејзината природност, скромност и непосредност. Во текот на целиот натпревар, секој следен настап беше подобар од претходниот, а различните жанрови не претставуваа никаков проблем за нејзиниот вокал, поради што и го доби епитетот „британската Селин Дион.

Во текот на натпреварот Бејли отпеа песни како што се „The Power of Love“ од Џенифер Раш, „Clown“ од Емели Санде, „New York, New York“ од Френк Синатра и многу други, а победничкиот сингл „Skyscraper“ оригинално отпеан од Деми Ловато ќе се најде на божиќната сингл листа во Велика Британија. По победата на X Factor, Сем Бејли ќе биде дел од британскиот дел на светската турнеја на Бијонсе, која за Европа беше продолжена со дополнителни 16 концерти.

Со ова прекрасно патешествие, Сем Бејли докажа дека никогаш не е доцна да се следи својот сон! Во продолжение уживајте со нејзината приказна од првата аудиција до последниот настап на големото финале во познатата лондонска арена Вембли.

 

 



Врати се горе ↑