Балкан Hronicno neumorni OMOT CDa naslovna strana

5 мај, 2015

Објавено капиталното компилациско издание „Хронично неуморан“

Штотуку е објавено двојното компилациско издание насловено „Хронично неуморан“, на кое се застапени голем број изведувачи од поранешна Југославија кои на стиховите на белградскиот поет, критичар, новинар и колумнист Милан Б. Поповиќ им подарија инструментална подлога. Ска Виклер, „Хорнсмен кајоти“ (Hornsman Coyote), „Бјесомар“, Никола Чутурило, „Дел Арно бенд“, Зеле Липовача и нашата Ели Раста Грл се само дел од музичарите застапени на ова капитално издание.

Наместо првобитно планираната нова, петта по ред книга со песни, Милан Б. Поповиќ одлучил да оди чекор понатаму и околу своите стихови собра веќе етаблирано, но и сосема нови бендови и изведувачи од различни жанрови од сите држави на поранешна Југославија.

Благодарение на долгогодишната посветена и плодоносна, не само книжевна, туку и новинарска, публицистичка и критичарска работа, а пред сè благодарение на сопствената огромна енергија и оптимизам на „хронично неуморниот“ Милан Б. Поповиќ, за разлика од својата прва цеде компилација „Време бруталних добронамерника“ од 2010 година, која беше со гитарска „хард енд хеви“ ориентација, овој пат се собрани музичари со најразлично музичко определување. На тој начин Милан повторно ги поврза уметниците од Србија, Црна Гора, Македонија, Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина, но ги спои и различните видови на уметничко изразување.

Комплетното издание, инаку достапно и на цеде, може бесплатно да се преземе од сајтот на Милан Б. Поповиќ – www.molitvatetoviranogsrca.com.



Врати се горе ↑