Свет

10 март, 2019

Објавени сите песни за „Евровизија 2019“, започнаа и обложувањата за победникот

Веќе ги имаме сите песни што ќе се натпреваруваат на годинашното, 64. по ред издание на „Евровизија“, од кое нè делат уште два месеца. Иако првично беа пријавени 42 земји, Украина неодамна се повлече од натпреварот заради компликации во изборот на изведувачи, така што во Тел Авив во мај ќе се натпреварува вкупно 41 земја. Меѓу последните што ги претставија своите песни беше и нашата Тамара Тодевска, чија емотивна балада „Proud“ беше објавена на Меѓународниот ден на жената – 8 март – а реакциите на евровизиската публика се мошне позитивни.

Но, уште попозитивни се и реакците за песните на Холандија, Русија, Шведска и на Швајцарија. Имено, токму овие земји засега котираат највисоко според обложувалниците, каде што во моментов фаворит за победа е Холанѓанецот Данкан Лоренс со неговата „Arcade“, а меѓу петте највисоко пласирани е и Италија и нејзиниот претставник Махмуд со темата „Soldi“.

Од Балканот засега највисоко котира соседна Грција (11. место), чија претставничка годинава е Катерина Дуска со темата „Better Love“, а тука е и Словенија (14. место) со „Себи“ на Зала Краљ и Гашпер Шантл, додека Тамара со „Proud“ досега се има искачено до 22. место. Хрватска, Србија, Албанија и Црна Гора во моментов се при крајот на листата.

Состојба на 10 март

Секако дека во наредниве два месеца овие предвидувања ќе претрпат повеќе промени, а за разлика од други изданија на фестивалот, вклучувајќи го и минатогодишното, може да се каже дека годинава (засега) нема баш очигледен победник и сигурно ни претстојат бројни изненадувања.

Како што споменавме, на „Евровизија 2019“ ќе се натпреварува вкупно 41 земја, а пет од нив праќаат исти изведувачи по вторпат, меѓу кои и нашата Тамара, која досега еднаш настапувала како главен изведувач (2008 со Врчак и Адријан Гаџа) и уште двапати како придружен вокал (2004 на Тоше и 2014 на Тијана). Повторно на евровизиската сцена ќе го видиме и рускиот претставник и актуелен фаворит Сергеј Лазарев, кој го освои 3. место во 2016, а од истата година го имаме и Серхат од Сан Марино, кој тогаш се пласираше на 12. место. Познато лице ќе ни биде и унгарскиот претставник Јоци Папаи, чиј хит „Origo“ го освои 8. место во 2017, како и претставничката на Србија, Невена Божовиќ, која ги бранеше боите на својата земја во 2013 како дел од групата „Моје 3“.

Фестивалот годинава ќе се одржува од 14 до 18 мај, а сите песни од двете полуфинални вечери и на шесте директни финалисти (големата петка и домаќинот Израел) можете да ги преслушате во продолжение. Тамара со „Proud“ ќе ја слушнеме во втората полуфинална вечер на 16 мај. Уживајте!

Прва полуфинална вечер, 14 мај

 

Втора полуфинална вечер, 16 мај

 

Директни финалисти (големата петка и домаќинот Израел)



Врати се горе ↑