Аудио Esc2015logo

16 март, 2015

Објавени се сите евровизиски песни, освен црногорската

39 од вкупно 40-те земји, кои годинава ќе се натпреваруваат на Евровизија, ги објавија своите композиции, а останува да ја почекаме уште темата „Адио“ со која Кнез ќе ги брани боите на Црна Гора. Од Радио Телевизија Црна Гора деновиве соопштија дека песната, чии автори се Жељко Јоксимовиќ (музика и аранжман), Марина Туцаковиќ и Дејан Ивановиќ (текст), ќе биде премиерно претставена в сабота, на 21 март.

И покрај тоа што веќе Ви претставивме голем дел од објавените песни, вклучувајќи ја и освежената верзија на нашите „Лисја есенски“, во продолжение преслушајте ги сите 39 композиции кои ќе бидат изведени во рамките на двете полуфинални и финалната вечер на јубилејното 60. издание на Евровизија.

Прва полуфинална вечер (19 мај)

„Џенеалоџи“ е супер-групата којашто Ерменија ја оформи специјално за Евровизија. Интересно е тоа што сите шест членови на групата доаѓаат од различни континенти, но сите имаат ерменско потекло и потекнуваат од семејства кои се расселиле ширум светот по Ерменскиот геноцид во 1915 година. Нивната песна првично насловена „Don’t Deny“, а потоа преименувана во „Face The Shadow“ можете да ја слушнете во продолжение.

 

Белгискиот претставник, 18-годишниот Лоик Ноте, се прослави со учеството во белгиската верзија на музичкиот натпревар „Гласот“ (The Voice), а евровизиската композиција насловена „Rhythm Inside“ по својата едноставност потсетува на мега-хитот „Royals“ од Лорд, така што сигурно ќе стане една од најслушаните теми за годинава.

 

Елина Борн и Стиг Раста годинава ќе ја претставуваат Естонија, а во првата полуфинална вечер во дует ќе ја отпеат темата „Goodbye To Yesterday“.

 

Панк-рок групата „Перти Курикан нимипаиват“ (во превод: Именденот на Перти Курикан), во која членуваат лица со пречки во развојот, ќе ги брани боите на Финска. Групата е позната и по тоа што беше во фокусот на документарниот филм „Панк синдромот“, кој освои повеќе домашни и странски филмски награди. Нивната песна „Aina mun pitää“ (Секогаш морам да), која трае само 1 минута и 25 секунди, влезе во евровизиската историја како најкратката песна изведена на овој натпревар, соборувајќи го рекордот кој досега го држеше темата „All“, која трае минута и 52 секунди и со која Патриша Бредин ги бранеше боите на Обединетото Кралство во 1957 година. Како звучи финската евровизиска песна за годинава слушнете во продолжение.

 

Боите на нашиот јужен сосед ќе ги брани 31-годишната Марија Елени Киријаку, која ќе се натпреварува со песната „One Last Breath“. Пејачката со потекло од Кипар е позната и по победата во првата сезона од грчката верзија на натпреварот „Гласот“ (The Voice), под менторство на Деспина Ванди. Нејзината евровизиска песна, која ќе ја слушнеме во првата половина од првата полуфинална вечер, Ве очекува во продолжение.

 

22-годишниот Едуард Едуардович Романјута веќе 3 пати се обидувал да добие можност да ги брани боите на родната Украина, но среќата му се насмевна дури годинава, кога конечно ќе запее на евровизиската сцена, но како претставник на Молдавија. Неговата песна насловена „I Want Your Love“ можете да ја слушнете во продолжение.

 

42-годишната пејачка Трејнче Оштерхаус (Trijntje Oosterhuis) во првата полуфинална вечер ќе ги брани боите на Холандија, а нејзината песна „Walk Along“ преслушајте ја во продолжение.

 

По ненадејното повлекување на првата песна, претставничката на Албанија, Елајда Дани, мораше да сними сосема нова композиција која го носи насловот „I’m Alive“. 

 

Белорусија за свои претставници годинава ги избра Јузари и Мајмуна. 23-годишниот пејач Јуриј Навротски, кој стои позади псевдонимот Јузари, ги здружи силите со 34-годишната виолинистка по потекло од Русија, а нивната заедничка тема насловена Time е дело на самиот Јузари, додека текстот го потпишува Светлана Гераскова. Како звучи сето тоа можете да слушнете во продолжение.

 

Групата „Енти соушл мидија“ (Anti Social Media) ќе ги брани боите на Данска со песната насловена „The Way You Are.

 

19-годишната Нина Сулабериџе, која настапува под името Нина Сублати, триумфираше на националниот избор во Грузија, добивајќи најголем број гласови и од публиката и од интернационалното стручно жири. По победата на грузијската верзија на „Идол“ во 2013 година, минатата година го објави деби албумот „Dare To Be Nina Sublatti“, кој стана најпродаваното издание во Грузија. Пејачката се потпишува и како автор на песната, а како звучи нејзиниот „Воин“ (Warrior) можете да слушнете во продолжение.

 

28-годишната Богларка Чемер, која настапува под името Боги, е годинешната претставничка на Унгарија. Со баладата насловена „Wars For Nothing“, пејачката порачува дека сите заслужуваме да живееме во мир.

 

Романскиот претставник за годинава е групата „Волтаж“, која победи на националниот избор во конкуренција од 12 песни. Нивната песна насловена De la capăt“ има сериозна тема – самотијата на децата: „Евровизија има голема гледаност, што секако ќе придонесе за темата на нашата песна и кампањата што стои зад неа“, објаснил лидерот на групата, Калин Гоја, додавајќи: „Минатата година се докажа дека песните со сериозни општествени пораки имаа мошне добар пласман – Кончита победи за Австрија, а унгарската песна го освои четвртото место“, заклучи музичарот.

Инаку, „Волтаж“ е мошне популарна група во родната Романија, а од своето основање во 1982 година досега има издадено преку 20 албуми. Добитници се на повеќе награди, меѓу кои и „Најдобар романски изведувач“ на европските музички награди на „Ем-ти-ви“ во 2005 година. Нивната евровизиска песна Ве очекува во продолжение.

 

 

27-годишната Полина Сергејевна Гагарина е годинешната претставничка на Русија. Пејачката ќе се натпреварува во првата полуфинална вечер со песната „A Million Voices“.

 

28-годишната Бојана Стаменов, која е најпозната по учеството и освоеното четврто место во третата сезона од натпреварот „Јас имам талент“, годинава ќе ги брани боите на нашиот северен сосед. Слично како Даниел, пејачката прво ја претстави верзијата на мајчин јазик насловена „Цео свет је мој“, чии автори се Владимир Грајиќ (музика и аранжман) и Леонтинa Вукомановиќ (текст), а англиската верзија „Beauty Never Lies“, чии стихови ги препеа Чарли Мејсон, можете да ја преслушате во продолжение.

 

Втора полуфинална вечер (21 мај)

„Hope Never Dies“ е насловот на дуетот кој Марта Јандова и Вацлав Ноид Барта ќе го отпеат во име на Република Чешка, а како звучи сето тоа можете да слушнете во продолжение.

 

Една од најмладите натпреварувачи годинава е ирската претставничка Моли Стерлинг, која има само 16 години. Младата музичарка се потпишува и како автор на темата „Playing With Numbers“, која ја напиша заедно со Грег Френч. Таа учествувала во повеќе музички наптревари во Ирска, а се прославила со учеството и победата на тинејџерскиот „Идол“ во 2011 година. Нејзината песна Ве очекува во продолжение.

 

 

Моника Линките и Вајдас Баумила во дует ќе ја отпеат композиција „This Time“, со која ќе се обидат да обезбедат пласман во финале за Литванија.  Како и повеќето учесници на Евровизија, така и Моника и Вајдас се прославиле со учества во музички натпревари, а нивниот дует Ве очекува во продолжение.

 

Вториот „Воин“ на Евровизија доаѓа од Малта. Боите на малата островска земја ќе ги брани 23-годишната Амбер Бондин, која ќе се натпреварува со песната насловена „Warrior“. Својата песна ја опиша како „едноставна, мотивирачка порака“, која има за цел „да ги мотивира оние на кои тоа им е најпотребно“, а како звучи „Воинот“ на Амбер можете да слушнете во продолжение.

 

Кјетил Морлан (Kjetil Mørland) и Дебра Скарлет  се годинешните претставници на Норвешка. Дуото ќе ја отпее темата „A Monster Like Me“, која можете да ја преслушате во продолжение.

 

Леонор Андраде е победничката на националниот избор на Португалија, а боите на својата земја ќе ги брани со песната „Há um Mar que nos Separa“.

 

Микеле Перниола и Анита Симончини годинава ќе ги бранат боите на Сан Марино. Двајцата тинејџери, кои имаат само 16, односно 15 години, ја претставувале оваа земја и на детскиот Евросонг во 2013 и 2014 година, а како ќе се снајдат со малку повозрасна конкуренција ќе видиме во мај, кога ќе ја отпеат песната насловена „Chain of Light“.

 

Азербејџан годинава го праќа 28-годишниот Елнур Хусејнов, кој се натпреваруваше на Евровизија и во 2008 година, како дел од дуото Елнур и Самир, освојувајќи го осмото место во финалето. Познатиот пејач победи и на турската верзија на натпреварот „Гласот“ (The Voice), а неговата евровизиска песна насловена „Hour of the Wolf“ Ве очекува во продолжение.

 

Претставникот на Кипар за годинава е Џанис (Џон) Карагианис. Со песната „One Thing I Should Have Done“, чии автори се самиот Карагианис и Мајк Конарис, пејачот ќе настапи во втората половина од втората полуфинална вечер. Интересно е тоа што Конарис претходно се потпишал како автор на хитот Stronger Every Minutе, со која Лиса Андреас ги бранеше боите на Кипар во 2004 година, кога го достигна најдобриот резултат досега, освојувајќи го петтото место. Оваа земја годинава се враќа на „Евровизија“ по пауза од една година, а како звучи „One Thing I Should Have Done“ можете да слушнете во продолжение.

 

21-годишната Марија Олафс е годинешната преставничка на Исланд. Таа ќе се натпреварува со песната „Unbroken“, која можете да ја слушнете во продолжение.

 

16-годишниот претставник на Израел, Надав Жеџ (Nadav Guedj), е еден од најмладите учесници годинава, а заразниот ритам на неговата песна „Golden Boy“ има потенцијал да биде вистински хит на нашите простори.

 

Со авторска композиција ќе се претстави 22-годишната Амината, која во Виена ќе ја претставува Летонија. Младата музичарка ќе ја отпее песната „Love Injected“, а како звучи сето тоа слушнете во продолжение.

 

„Во името на љубовта“ ќе запее Моника Кушинска, која во Виена ќе ги брани боите на Полска. Слично како и мотото на манифестацијата (Градиме мостови), пејачката со својата песна порачува да изградиме мостови на толеранција, во името на љубовта. Нејзината песна слушнете ја во продолжение.

 

Групата „Мараја“ со песната „Here For You“ во втората полуфинална вечер ќе се обиде да обезбеди пласман во финалето за Словенија. Дуото составено од брачната двојка Марјетка и Алеш Вовк е формирано во 2014 година, а поседува и приватно музичко училиште во кое подучува млади музички таленти. Музичарите се потпишуваат и како автори на евровизиската песна, а интересно е тоа што коавтор на текстот е и американскиот текстописец Чарли Менсон, кој пишувал стихови и за познати имиња како што се Мајли Сајрус и Ешли Тисдејл, како и минатогодишната победничка тема на Кончита Вурст, „Rise Like a Phoenix“. Како звучи „Here For You“ можете да слушнете во продолжение.

 

Песната „Херои“ (Heroes), која веќе е една од омилените на евровизиската публика, ќе ја отпее 28-годишниот Монс Зелмерлоу (Måns Zelmerlöw), годинешен претставник на Шведска. Во својата земја познат е по учеството на шведскиот „Идол“ во 2005 година, кога го освои четвртото место. На фестивалот за избор на евровизиска песна, „Мелодифестивален“, учествувал и во 2007 и 2009 година, така што песната „Херои“ му е навистина трета среќа. Како и секогаш, Швеѓаните се мајстори за едноставни, но впечатливи и интересни сценски настапи, а како изгледаше настапот на Монс погледнете во продолжение.

 

„Време да блесне“ е за швајцарската претставничка Мелани Рене, која во втората половина на втората полуфинална вечер ќе настапи со песната „Time To Shine“. 24-годишната пејачка триумфираше на националниот избор во својата земја, во чии рамки се натпреваруваа 6 учесници. Како звучи нејзината песна можете да слушнете во продолжение.

 

Финална вечер (23 мај)

Како и секогаш, директно во финале ќе ги видиме претставниците на земјите од „големата петка“, како и домаќинот Австрија и гостинот Австралија.

Земјата на кенгурите, која годинава се вклучува во натпреварот по повод јубилејот од 60 години, ќе ја претставува Гај Себастијан со темата „Tonight Again“. Пејачот се прославил со учеството и победата на австралискиот „Идол“ во 2003 година, а од 2010 до 2012 година бил судија и ментор во австралиската верзија на „Гласот“ (The Voice). Себастијан зад себе има седум студиски албуми и бројни хитови и е единствениот машки изведувач во Австралија кој имал шест број 1 синглови на австралиските топ листи. Како звучи неговата евровизиска песна слушнете во продолжение.

 

Поп-рок бендот „Мејкмејкс“ (The Makemakes) е годинешниот претставник на домаќинот Австрија. Групата ќе настапи со песната „I Am Yours“, која можете да ја преслушате во продолжение.

 

46-годишната Лиза Анжел ќе ги брани боите на Франција со темата насловена „N’oubliez pas“ (Не заборавајте). Оваа балада прв пат била отпеана во ноември минатата година, за време на комеморацијата за Првата светска војна, но пејачката нагласува дека песната не се однесува само на овој историски настан, туку на секаков вид на конфликт. „Се сеќавам на насмевките на децата, на гласот на мажите кои одат во полето, на прославите за Денот на благодарноста, мирисот на домовите, љубовта и смеата. Но, јас сум тука, не заборавајте“, потсетува Анжел во песната, а како звучи сето тоа можете да слушнете во продолжение.

 

По неочекуваниот пресврт во германскиот избор, кога победата отиде во рацете на Андреас Кумерт, но музичарот одлучил дека не е подготвен да се соочи со интернационалната публика на Евровизија, боите на Германија ќе ги брани 24-годишната Ан Софи со темата насловена „Black Smoke“, чија изведба Ве очекува во продолжение.

 

Победник на јубилејното 65. издание на познатиот фестивал „Сан Ремо“, а воедно и евровизиски претставник за Италија, е триото „Ил воло“, кое боите на својата земја ќе ги брани со темата Grande amore. Оперската поп група е составена од тенорите Пјеро Бароне и Игнацио Боскето и баритонот Џанлука Џинобле, а нивната прекрасна канцона слушнете ја во продолжение.

 

„Amanecer“ е насловот на песната со која 29-годишната Едурне ќе ги брани боите на Шпанија. Познатата пејачка, која во 2005 година се прослави со учеството на шпанската верзија на натпреварот „Операција триумф“, ќе настапи директно во финалето, а како звучи нејзината песна слушнете во продолжение.

 

„Електро велвет“ е дуото кое годинава ќе ги брани боите на Обединетото Кралство, а на сцената во Виена ќе настапи со песната „Still In Love With You“, која Ве очекува во продолжение.

 

Сега кога ги слушнавте речиси сите песни кои ќе се натпреваруваат годинава, имате ли фаворит?

И.Ј.



Врати се горе ↑