18 јули, 2014

Објавени номинациите за MTV VMA 2014

Видео музичките награди на MTV годинава ќе се доделат на 24 август во Инглвуд, Калифорнија, а денеска беа објавени и номинираните изведувачи. Со неверојатни 8 номинации, вклучувајќи ги категориите Видео запис на годината, Најдобар видео запис од женски изведувач и Најдобра кореографија, предводи светската суперѕвезда Бијонсе, која минатата година ги изненади своите фанови со аудио-визуелниот албум „Beyoncé“. Веднаш позади неа, со по 7 номинации се Еминем и австралиската раперка Иги Азалиа. Категориите во кои е номиниран познатиот Слим Шејди вклучуваат Најдобар хип-хоп видео запис, Најдобар видео запис од машки изведувач и Најдобра музичка соработка, додека Иги Азалиа, која минатата година беше номинирана во категоријата Нова надеж, годинава се натпреварува за дел од најважните награди како што се Видео запис на годината, Најдобар видео запис од женски изведувач и Најдобар поп видео запис.

Џеј Зи, Кејти Пери, Мајли Сајрус, Фарел Вилијамс, Аријана Гранд, Лорд, Сем Смит, Сиа, Зед, Авичи, Питбул, Џејсон Деруло и Хејли Вилијамс се исто така меѓу номинираните за овогодишните видео музички награди на MTV, за кои може да се гласа на vma.mtv.com.

За најпосакуваната награда Видео запис на годината се борат Иги Азалиа и Чарли ХСХ со својот хит „Fancy“, Бијонсе и Џеј Зи со мрачната и сензуална песна „Drunk In Love“, заразниот поп феномен „Happy“ на Фарел Вилијамс, Сиа со „Chandelier“ и „Wrecking Ball“ на Мајли Сајрус. Оваа награда во изминатите години отиде во рацете на Џастин Тимберлејк за темата „Mirrors“ (2013), Ријана и Келвин Харис за „We Found Love“ (2012), Кејти Пери за „Firework“ (2011) и Лејди Гага за „Bad Romance“ (2010).

Номинираните во новата категорија Најдобар текст, за која ќе се гласа преку социјалните мрежи, ќе бидат дополнително објавени на vma.mtv.comкаде што можете да ги видите и сите веќе објавени номинации. За сега се потврдени настапите на Ашер, Аријана Гранд и 5 Секндс оф Самер, а останатите изведувачи ќе бидат објавени подоцна.

 



Врати се горе ↑