Свет

28 ноември, 2017

Објавени номинациите за јубилејното, 60. доделување на Греми

Како што привршува годинава, полека започнуваат подоготовките за сезоната на награди, па така денеска беа објавени номинациите за јубилејното, 60. по ред доделување на најпрестижните музички награди Греми, во чии рамки ќе бидат наградени најдобрите музички автори, изведувачи и дела што ја одбележаа оваа 2017 година.

Овој пат, најмногу номинации доби Џеј Зи, кој е во трка за 8 златни грамофони, вклучувајќи ги албум на годината, песна на годината, снимка на годината и најдобар рап албум. Веднаш зад него, со седум номинации е колегата Кендрик Ламар, а во шест категории ќе се натпреварува Бруно Марс. По пет номинации добија Сиза, Калид, Чајлдиш Гамбино и продуцентот Ноу Ај-Ди.

jzЏеј Зи на доделувањето во 2013 година

Сосема очекувано за публиката, но малку изненадувачки за познавачите на историјата на Греми, латино-хитот „Despacito“ е номиниран во три категории, вклучувајќи ги главните за песна и снимка на годината, како и за најдобра изведба од поп-дуо или група. Како што пишува „Билборд“, латино-песните, особено оние отпеани претежно на шпански јазик, ретко биле номинирани во овие категории, а последен пат слична ситуација имаше во 2000 година, кога за песна и снимка на годината биле номинирани „Smooth“ од Карлос Сантана и Роб Томас и „Livin’ La Vida Loca“ од Рики Мартин. Имајќи го предвид сево ова, станува збор за навистина историски момент за оваа манифестација.

Златните грамофони по 60. пат ќе бидат доделени на 28 јануари 2018 година, во „Медисон сквер гарден“ во Њујорк, а во улога на водител по вторпат ќе го видиме популарниот британски актер и водител Џејмс Корден, кој одлично си ја заврши работата и на годинашното издание на манифестацијата. Главните категории Ве очекуваат во продолжение, додека сите номинации можете да ги погледнете на официјалната веб-страна на Греми.

Снимка на годината
Redbone – Чајлдиш Гамбино
Despacito – Луис Фонси и Деди Јенки со Џастин Бибер
The Story of O.J. – Џеј Зи
„HUMBLE. – Кендрик Ламар
24K Magic – Бруно Марс
Албум на годината
„Awaken, My Love!“ – Чајлдиш Гамбино
„4:44“ – Џеј Зи
„DAMN.“ – Кендрик Ламар
„Melodrama“ – Лорд
24K Magic“ – Бруно Марс
Песна на годината
„Despacito“ – Луис Фонси и Деди Јенки со Џастин Бибер
4:44 – Џеј Зи
Issues – Џулија Мајклс
1-800-273-8255 – Лоџик со Алесија Кара и Калид
That’s What I Like – Бруно Марс
Најдобар нов уметник
Алесија Кара
Калид
Лил Узи Верт
Џулија Мајклс
Сиза


Врати се горе ↑