Свет 2013-grammy-nominations

6 декември, 2012

Објавени номинациите за Греми 2013

Вчера вечер беа објавени официјалните номинации за 55-тото доделување на престижните музички награди Греми, кое ќе се одржи на 10-ти февруари следната 2013 година во Стејплс Центарот во Лос Анџелес. Со вкупно 6 номинации, од кои четири се во тн. Голема Четворка води канадскиот бенд Фан. Други артисти со најмногу номинации се Френк Оушн, Џеј Зи, Канје Вест, Ден Ауербах од Black Keys и Mumford&sons.

Во трка за албум на годината се „El Camino“ на Black Keys, „Babel“ на Mumford&sons, „Some nights“ на Фан, „Channel Orange“ на Френк Оушн, и „Blunderbuss“ на Џек Вајт.

Номинирани за видео на годината се The Black Keys („Lonely boy“), Кели Кларксон („Stronger“), Фан и Џанел Моне („We are young“), Готје и Кимбра („Somebody that I used to know“), Френк Оушн („Thinking bout you“) и Тејлор Свифт („We are never ever getting back together“).

Во категоријата песна на годината (наградата се доделува на авторот, не на изведувачот), номинирани се песните „The A team“ – Ед Ширан, „Adorn“ -Мигела, „Call me maybe“ -Карли Реј Џепсен, „Stronger“ – Кели Кларксон и „We are young“ – Фан.

За најдобра поп соло изведба во трка се Адел, Кели Кларксон, Карли Реј Џепсен, Кети Пери и Ријана, а во група/дуо категоријата: Florence&The Machine, Фан и Џанел Моне, Готје и Кимбра, LMFAO и дуетот на Maroon 5 и Виз Калифа.

Во категоријата најдобар рап албум номинирани се Дрејк („Take care“), Лупе Фијаско („Food%Liquor II“), Nas („Life is Good“), The Roots („Undun“), Рик Рос („God forgives, I don’t“) и 2Chainz („Based on a TRU Story“).

Канје Вест и Џеј Зи се натпреваруваат сами против себе за најдобaр рап настап, бидејќи имаат по две номинации во таа категорија. Номинирани се Вест и Џеј Зи („Niggas in Paris“), Вест и Big Sean, Pusha T и 2Chainz („Mercy“), Nas („Daughters“), Дрејк и Лил Вејн („HYFR“) и Young Jeezy, Џеј Зи и Андре 3000 („I do“).

За најдобар рок албум се номинирани The Black Keys („El Camino“), Колдплеј („Mylo Xyloto“), Мјуз („The 2nd law“), Брус Спрингстин („Wrecking ball“) и Џек Вајт („Blunderbuss“).

За најдобар поп вокален албум ќе се борат Кели Клаксон со „Stronger“, Florence + the Machine со „Ceremonials“,  „Some Nights“ од Фан, Марун 5 со „Overexposed“ и Пинк со „The Truth About Love“.

Номинирани за најдобар нов артист се Алабама Шаркс, Фан, Хантер Хејс, Д Луминирс и Френк Оушн.

 



Врати се горе ↑