Свет so2015

2 декември, 2014

Објавени кандидатите за „Би-би-си саунд оф 2015“

Претставен е поширокиот избор на изведувачи кои се кандидати за „Би-би-си саунд оф 2015“ (BBC Music Sound of 2015), награда која ја добиваат музичарите од кои најмногу се очекува во текот на претстојната година. Поетот Џорџ (George The Poet), Џејмс Беј (James Bay) и „Јирс енд јирс“ (Years and Years) се номинирани и за наградата избор на критиката на „Британските награди 2015“ (BRIT Awards), а во ова друштво се и мајсторите на церемонии Стормзи и Новелист, како и соло изведувачите Рори, Шамир, Соук, Квобс, Лaпсли и соработничката од „Бомбеј бајсикл клаб“, Реј Морис. Соло изведувачите всушност доминираат на овогодишната листа која ја состави жири од 140 стручни лица од музичката индрустрија – од 15 номинации, дури 11 отидоа во рацете на соло изведувачи.

Хју Стивенс, диџеј од „Би-би-си радио 1“, за овогодишната селекција вели: „Секогаш е возбудливо ова време од годината кога пресметуваме и се обидуваме да заклучиме што ќе нè натера да танцуваме, да скокаме од среќа или да плачеме  во текот на наредната година. Многу сум возбуден бидејќи годинава на листата има многу изведувачи кои јас и моите колеги лично ги поддржувавме и ова е уште една одлична пригода да ја поделиме музиката која ја сакаме со уште поголема публика.“

За точните прогнози на оваа награда и повеќе од доволно зборуваат претходните добитници како што се Адел, Џеси Џеј, Ели Гоулдинг, Сем Смит и други. Добитникот, добитничката или добитниците ќе бидат откриени на 9 јануари следната година, но сигурно е дека ќе биде некое од следниве имиња:

  • Поетот Џорџ (George The Poet)
  • Џејмс Беј (James Bay)
  • Квобс (Kwabs)
  • Лапсли (Låpsley)
  • Новелист (Novelist)
  • Реј Морис (Rae Morris)
  • Рори (Raury)
  • Шамир (Shamir)
  • Шура (Shura)
  • Слејвс (Slaves)
  • Соук (SOAK)
  • Стормзи (Stormzy)
  • Сансет санс (Sunset Sons)
  • Вулф Алис (Wolf Alice)
  • Јирс енд јирс (Years & Years)


Врати се горе ↑