Македонија

8 јули, 2019

Објавени изведувачите за „Макфест 2019“

Во тек се подготовките за претстојното 34. издание на фестивалот на забавни мелодии „Макфест“, кој годинава ќе се одржи на 10, 11 и 12 октомври во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип. На денешната прес-конференција беа откриени и имињата на изведувачите што ќе се натпреваруваат годинава, меѓу кои има и голем број победници и дебитанти од претходните изданија на фестивалот.

„Годинава фестивалот се совпаѓа со празникот 11 октомври, што ќе биде дополнителен придонес во одбележувањето на денот на македонската револуција. Иако е лето, време на одмори, подготовките си течат, со цел во октомври да имаме уште еден успешен фестивал“, кажа Драган Ристов од прес-центарот на „Макфест“, а уметничкиот директор Владимир Дојчиновски-Дојчин откри дека познати се сите изведувачи и дека во тек е финализирањето на композициите.

Годинава ни се враќаат дел од ланските дебитанти, но и дел од победничките имиња, како што се Мина Блажев и Наташа Малинкова, но среќен сум затоа што на фестивалот се враќаат и поранешни победници и реномирани имиња од македонската естрада. Годинава на фестивалот ќе ја имаме и Биба Додева, Росана Сариќ-Тодоровска, Елена Петреска, се враќа и Александар Ристовски-Принц, имаме интересно дуо составено од Александар Митевски и актерот Драган Спасов-Дац. На фестивалот ќе настапи и Лена и Бојан Маротови, пинковите ѕвезди Мартија Станојковиќ, Огнен Здравковски, Мартинијан Кириловски и Трајче Георгиев, потоа Игор Узунов, Барбара, Виктор Апостоловски, како и тројца штипски изведувачи. Од авторските тимови, можам да кажам дека се застапени речиси сите, што ќе му даде посебен квалитет на фестивалот“, кажа Дојчиновски.

Во тек се и техничките подготовки за фестивалот. Постојат неколку идејни решенија за изгледот на сцената, а во тек се и останатите активности околу распишување тендерски постапки за организирање на фестивалот.

„Наградите се 5.000 евра за прво место, 3.000 евра за второ, и 1000 евра за трето место, додека техничките награди се по 500 евра поединечно, за најдобар аранжман ‘Драган Ѓаконовски – Шпато’, најдобар дебитант, вокална интерпретација и сценски настап“, напомена Кирил Панајотов, технички директор на „Макфест 2019“.

Фестивалот финансиски го реализира Општина Штип, а истиот е поддржан од Министертсвото за култура со еден милион денари. За преносот и годинава е задолжена МРТВ, а фестивалот ќе се одржи во НУЦК „Ацо Шопов“ во Штип.

Извор и фотографии: Макфест / Макфакс



Врати се горе ↑