Балкан front

18 март, 2014

Објавена компилацијата „Balkan Under The Radar – vol. 2“

Независната алтернативна издавачка куќа Black Planet Records неодамна го објави вториот дел од годишната компилација „Balkan Under The Radar“. Овој дел е насловен „The Black Wave“ кој со самиот наслов сугерира дека приказната е подигната на уште посериозно ниво во однос на минатогодишниот „The Invisible Scene“. За разлика од минатогодишната компилација, vol. 2 содржи дури 3 ЦД-а. Првиот дел е посветен на алтернативните бендови со вокали, вториот дел е посветен на инструменталните состави и вокалната и инструментална електроника, додека третиот диск содржи експериментална музика и електроника. Иако целта на оваа компилација е афирмацијата на квалитетните непознати изведувачи од Балканот, оваа компилација е поддржана и од реномирани изведувачи како што се Никола Врањковиќ, Горибор и Мизар. Што се однесува на застапеноста на правците, и овој пат има широк дијапазон – алтернативен рок и метал, post rock, witch house, IDM, dark wave electro, industrial, ambient, noise, avant garde jazz, drone, bass music, experimental и тн.

Покрај Мизар, уште еден македонски претставник кој учествува во ова издание е проектот Тhe Sixth Catharsis, a песната е насловена „Oceanscent“. Компилацијата може да се преслуша и бесплатно да се симне од Бендкемп страницата на Black Planet Records. Физичко издание од оваа компилација нема да се најде во продажба, но од издавачката куќа информираат дека сите заинтересирани кои сакаат да ја имаат оваа компилација во својата колекција, истата може да се добие како подарок.



Врати се горе ↑