Македонија md

22 февруари, 2016

Објавен македонскиот превод на „Марсовецот“

Светскиот бестселер „Марсовецот“, на кој е базиран истоимениот филм номиниран за седум Оскари, деновиве на македонски го објави издавачката куќа „Просветно дело“. Станува збор за остроумна, духовита и напната приказна за Марк Ватни, астронаут од мисиjата Арес, кој во еден сплет на несреќни околности останува на Марс. Посадата од неговиот брод е убедена дека Марк загинал на Црвената планета. Но, Ватни одлучува да не се предава…

Романот „Марсовецот“ претставува химна на човековата проникливост и е наjавтентичниот и наjвозбудлив научнофантастичен роман во последниве коjзнае колку години. Напнат од почеток до крај, без ниту зрнце неуверливост и со вистинска доза на занесеничко – научен ентузијазам. Невозможно е да се избега од впечатокот дека она што е опишано во „Марсовецот“ би можело навистина да се случи.  

„Претпоставувам дека некогаш, некој, сепак, ќе го пронајде мојот дневник. Можеби за едно сто години. Чисто, колку да се знае… не загинав на шестиот сол. Другите од посадата сигурно мислеа дека сум загинал, а и не можам да ги обвинувам за тоа. Можеби ќе прогласат ден на жалост во знак на сеќавање на мене, а на мојата страница на Википедија ќе пишува: Марк Ватни, единствениот човек кој умре на Марс. 

И најверојатно, ќе имаат право затоа што сигурно ќе умрам овде. Само не на шестиот сол, како што мислат сите.

Значи, да видиме… од каде да почнам?…“

Бестселерот „Марсовецот“ на Енди Вир беше екранизиран во истоимен долгометражен филм во режија на Ридли Скот, а со Мет Дејмон во главната улога.

 


Врати се горе ↑