Концерт mediumi

10 јануари, 2015

Новогодишен концерт на КУД „Дримкол“ од Вевчани

Културно Уметничкото Друштво „Дримкол“ од Вевчани Новата 2015 година ја започнува со свечен Новогодишен концерт на Фолклорниот ансамбл, кој ќе се одржи утре, 11.01.(недела) во Домот на културата во Вевчани. Концертот ќе започне во 20.00 часот, но поради големиот интерес ќе се одржи уште еден концерт и тоа 2 часа порано, односно во 18.00 часот. Концертот е насловен „Едно видување, еден век“, а неговата порака е за почит, љубов, разбирање и искрен муабет на човек со човека.

„… Ах бре пријателе, шуќур што се видовме та да ти ги накажва мокиве мој, ем на душава ми олесна, ем пола како да ги решив, заш дејнцка све мојш да најш, само прав чвек за муабет тешко да сретниш…“, ќе речат двајцата актери од Патувачкиот театар, кој реалните состојби  на денешницата вешто ги поврзуваат со фолклорот и традицијата.

„За нас Новогодишниот концерт е најважниот настан во годината, бидејќи е наменет за нашата публика, вевчанската. Секоја година се стремиме истиот да биде ем различен, ем поубав од предходниот, а последниве 3 години концертите се веќе тематски со своја цел и порака. На концертот учествуваат сите фолклорни состави, народниот оркестар и оркестарот на традиционални инструменти, пејачката група“, велат од КУД „Дримкол“ – Вевчани.

 КУД „Дримкол“ од Вевчани е едно од ретките друштва што презентира тематски концерти, наспроти класичните изведби на песна, ора и инструментални нумери. После концертните проекти „Македонска свадба“ и „Обредни песни и игри од Вевчани“,  доаѓа и утрешниот „Едно видување, еден век“.

Првиот Новогодишен концерт на КУД „Дримкол“ е организиран во 2000 година и оттогаш традиционално се организира секоја година на 11 јануари во Вевчани.



Врати се горе ↑