Свет u2

18 октомври, 2013

Новиот албум на U2 ќе излезе следната година

Ирскиот бенд ЈуТу (U2) планира да заврши со снимањето на својот нов албум до крајот на ноември, изјавил басистот Адам Клејтон. Претходното издание, албумот „No Line On The Horizon“ го објавија во 2009 година, а новиот се очекува да биде објавен во текот на следната година. Клејтон потврдил дека тој и колегите се обидуваат да ја завршат целата работа и сè да биде „апсолутно како што треба“ најдоцна до средината на декември, како и тоа дека станува збор за 12 нови песни.

Во разговор со ирската радио станица 98FM, за албумот Клејтон вели: „Мислам дека на некој начин се враќа стариот U2, но со одредена зрелост која пристигна во текот на претходните десет години. Станува збор за комбинација на овие две нешта, еден навистина интересен хибрид. Во студио сме. Се обидуваме овие 12 песни да бидат апсолутно како што треба до крајот на ноември, а потоа да можеме да уживаме на мир во божиќните празници.“

Во истото интервју, гитаристот Еџ додава: „Ние секогаш се обидуваме да направиме нешто поинакво секој пат кога ќе влеземе во студио. Но, фановите се всушност тие кои на крајот ќе одлучат што сме направиле.“

 



Врати се горе ↑