Свет tsw

30 октомври, 2014

Новиот албум на Тејлор Свифт на пат кон милионски тираж

Американската ѕвезда Тејлор Свифт е на пат да забележи уште еден огромен успех во нејзината мошне успешна кариера. Имено, нејзиното ново издание „1989“, насловено по нејзината година на раѓање, кое беше објавено во понеделникот, 27 октомври, после само два дена продажба е на добар пат да достигне милионски тираж, јавува агенцијата „Нилсен саундскен“. Според брзината на продажбата, Свифт веќе го има второто најбрзо продавано издание за годинава по саундтрак изданието од филмот „Снежното кралство (Frozen)“, а 24-годишната пејачка остварува и историски рекорд со тоа што ќе биде единствената изведувачка со три последователни „милионски број 1 изданија“, бидејќи сличен успех постигнаа и нејзините претходни албуми „Speak Now“ од 2010 и „Red“ од 2012 година. Исто така, „1989“ е на пат да стане и едно од 19-те изданија кои го достигнале ова темпо на продажба сè од 1991 година, од кога агенцијата „Нилсен саундскен“ води статистика за музичките  изданија на американскиот пазар.

По најавниот сингл „Shake It Off“, пејачката деновиве претстави мал дел од новата песна насловена „Welcome To New York“, со што веднаш го доби епитетот „Амбасадорка на Њујорк“. Иако родена во Пенсилванија и, како и секоја кантри ѕвезда, израснала во Нешвил, во сојузната држава Тенеси, Свифт изјавила дека Њујорк станал мошне важен во нејзиниот живот: „Отсекогаш сум сакала да се преселам во Њујорк, со години бев опседната со таа идеја и конечно тоа и го направив. Инспирацијата која ја најдов во тој град тешко може да се опише или спореди со која било инспирација што сум ја искусила во животот досега.“

 

 



Врати се горе ↑