Видео esc

19 февруари, 2016

Нови правила за гласањето на „Евровизија“

Воведено е ново правило за гласањето на претстојното, 61. по ред издание на „Евровизија“, кое годинава ќе се одржи во Стокхолм, во Шведска. Имено, започнувајќи од годинава, гласовите на гледачите и гласовите на жиријата ќе се објавуваат одвоено. Презентерите од 43-те држави ќе ги објавуваат гласовите од стручното жири, но на глас ќе ја објават само „дванаесетката“, додека другите бодови ќе се ажурираат автоматски. Потоа, водителите ќе ги прочитаат и гласовите од публиката и тоа од песната добитник на најмалку до онаа со најмногу гласови.

Извршниот надгледувач на фестивалот, Јон Ола Санд, смета дека тоа ќе придонесе за динамиката и возбудливоста на целото шоу, бидејќи победникот нема да се знае до самиот крај на емисијата.

 

Македонија годинава повторно ќе ја претставува Калиопи, чија песна насловена „Дона“, која ја напиша заедно со Ромео Грил, ќе биде претставена на 7 март. Ова е второ, односно трето учество на пејачката на овој фестивал, каде што претходно се натпреваруваше со песните „Само ти“ во 1996 година и „Црно и бело“ во 2012 година.

Калиопи ќе настапи во втората полуфинална вечер, на 12 мај, а редниот број ќе биде утврден по завршувањето на средбата на шефови на делегации, закажана за 14 март.



Врати се горе ↑