Настани d80a69e4-c52e-4044-a4b8-6029fa342a89

8 ноември, 2017

Нови потврдени артисти за ПИН програмата на „Таксират 2017“

Деветнаесеттата едиција на ТАКСИРАТ во која нѐ очекува повеќедневна програма со повеќе од 30 музички настапи, годинава официјално ќе биде отворена со ПИН музичката конференција и шоукејс фестивал, која ќе се одржува од 30 ноември до 2 декември во МКЦ! Со овој меѓународен музички настан, „Таксират“ во Скопје ги претставува врвните имиња од европската музичка индустрија во дневната панел-програма, додека пак ноќите на ПИН се резервирани за концертите на најпотенцијалните артисти на новата музичка сцена од Европа и регионов.

Кон веќе најавениот концерт на „Лајрс“ (LIARЅ) закажан за 30 ноември, и концертот на МАРИО БАТКОВИЌ на 2 декември, во програмата на ПИН се приклучуваат уште четири нови музички имиња кои ветуваат возбудлива концертна вечер и на 1 декември: неприкосновените лидери на турската психоделична музика „Баба Зула“ (BABA ZULA), словенечкиот индустријал/нојз тандем „Итс евриуан елс“ (IT’S EVERYONE ELSE), новото актуелно име од сцената во Србија „Визељ“ (VIZELJ) и германскиот млад состав „Ексесив визаж“ (EXCESSIVE VISAGE)!

607b23f4-3924-4ddc-8e53-b060b2053b67

Бендот „Баба Зула“, иако е оформен во 1996 година, денес важи за новото име од Турција кое веќе ја освојува интернационалната сцена нудејќи и на публиката уникатно музичко искуство на нивните настапи во живо, подеднакво како и на студиските изданија. Спојувајќи ги ориенталните инструменти како електричен саз, тарабука и удиралки со електронските и модерни звуци, „Баба Зула“ создава своевиден звук кој го нарекува Истанбулска психоделија.

Нивната музика е ориентален рокенрол, обвиен во футуристичка форма инспирирана од доцните ‘60ти години. Нивните перформанси како шамански ритуали се спој на различни уметнички дисциплини, често вклучувајќи танчери, впечатлива костимографија, поезија, театар и сликање во живо, кои пред публиката приредуваат извонредна аудио-визуелна „гозба“. „Баба Зула“ е бенд кој морате да го погледнете во живо, бенд кој го споделува своето наследство со нас преку својата музика, родена во уметнички раскошниот Истанбул.

d5c6c54e-2c81-4c38-9917-9de93f2d5750

„Итс евриуан елс“ ќе ги разниша сите ваши претпоставки за електронската музика. Користејќи само два вокали, две клавијатури, електронски ритми и семплови, тие проектираат апокалиптична симфонија, комбинирајќи ноиз, хардкор, индустријал и поп музика, која се распрснува како возбудлив бран од гнев и (политичко) незадоволство, истовремено задржувајќи го разиграниот основен призвук. Препознатливи се по нивните диви и нескротливи настапи во живо, кои ќе ве остават со чувство дека сте биле вовлечени во злоупотреба на најзадоволувачки начин.

По објавувањето на дебитантскиот албум „Is It Me?“, дуото во 2012 замина на турнеја низ Европа и Балканот, во чии рамки настапуваа речиси секаде помеѓу Норвешка и Македонија и ја делеа сцената со имиња како „Атари тинејџ рајот“, „Шиу шиу“, „Ансејн“, „Вулф ајс“ и „Кинг Базо“. Вториот албум „New Religion“ (2014) го објавија за австриската етикета „Нојз апил рекордс“ (Noise Appeal Records), а песната „Grinder’s Lament“ се најде во изборот на „Гардијан“ за „5 најнови песни во светот кои морате да ги чуете“. Последното ЕП издание „Heaven Is An Empty Room“ го објавија во ноември минатата година, а покрај тоа што ги собра позитивните критики, беше прогласен и за Најдобар албум од Словенија, од страна на меѓународната платформа „Бихајп“ (BEEHYPE).

edad3c3f-68ce-474e-9786-f2c4a8312e29

Безобразни, бесни, електрични. Три збора кои совршено ја опишуваат музиката и настапите на младото трио „Визељ“ од Белград, кое во моментов е актуелно со промоцијата на својот прв албум. „Визељ“ е рок бенд од Србија, оформен на почетокот на 2013 година, а кој зад себе има две студиски изданија. Првото, во ЕП формат, насловено „EP#1“, го објавија во 2014 година за култната хрватска етикета „Слушај најгласније!“, додека дебитантскиот албум „Нај бољи“ се појави годинава под етикетата на дискографската куќа „Одличан хрчак“.

Во меѓувреме, покрај регуларните концертни активности, бендот веќе го снима материјалот и за претстојното ЕП издание чие објавување е планирано кон крајот на годинава, па настапот во Скопје е одлична пригода за Вељко Милинковиќ (вокал, гитара), Алекса Недиќ (вокал, бас гитара) и Андреј Младеновиќ (тапани) претпремиерно да претстават во живо и дел од својот нов материјал.

c63d100b-1c55-4fb1-9ce8-228d0b02cb18

„Ексесив визаж“ е групата која во Скопје, во рамките на ПИН шоукејс фестивалот, доаѓа претставувајќи ја новата сцена на Германија. Тие во својот музички израз говорат посебен јазик, препознатлив во рок жанрот и истовремено авангарден, но сигурно уникатен и екстремно моќен. Низ нивната музика провејува и мрачниот звук, создавајќи моќна атмосфера која совршено се вклопува во нивните жестоки и драматични аранжмани.

СЛЕДЕТЕ НЀ РЕДОВНО, НАСКОРО ЌЕ БИДАТ ОБЈАВЕНИ УШТЕ МНОГУ НОВИ МУЗИЧКИ ИМИЊА!



Врати се горе ↑