Свет krp-g

4 февруари, 2015

Нови изведувачи за претстојните Греми награди

Уште само 4 дена нè делат од 57. доделување на Греми наградите, па веќе е време да се комплетира списокот со изведувачи кои ќе настапат на церемонијата закажана за недела, 8 февруари. Како што е познато, на сцената во „Стејплс центарот“ во Лос Анџелес ќе настапат хард-рок ветераните „Еј-си-ди-си“, кантри рокерот Крис Чрч, поп пејачката Аријана Гранде, кралицата на поп музиката – Мадона, британските ѕвезди Ед Ширан и Сем Смит, кантри пејачката Миранда Ламберт и ар-ен-би заводникот Ашер, а во дует ќе настапат Џон Леџенд и Комон, кои ќе ја отпеат со Златен глобус наградената „Glory“ од филмот „Селма, како и Адам Левин со Гвен Стефани, Тони Бенет со Лејди Гага, Том Џонс со Џеси Џеј и Ени Ленокс со Хозиер.

На овој мошне интересен и разновиден список беа додадени и имињата на Ријана, Канје Вест и Пол Макартни, кои ќе го отпеат својот неодамна објавен хит „FourFiveSeconds“, Мери Џеј Блајџ ќе му се придружи на сцената на Сем Смит, со кој веројатно ќе ја отпеат заедничката верзија на хитот „Stay With Me“, Бек ќе настапи заедно со фронтменот на „Колдплеј“ – Крис Мартин; Бренди Кларк со Двајт Јоакам; Херби Хенкок, Џон Мејер и Квестлав ќе имаат специјален настап со Ед Ширан, а самостојни настапи ќе имаат и латино ѕвездата Хуанес, кинескиот виртуоз на пијано – Ланг Ланг, како и австралиската хит-мејкерка Сиа.

Трикратниот добитник на Греми награди, Бек годинава е номиниран во четири категории и тоа „Албум на годината“ и „Најдобар рок албум“ за изданието „Morning Phase“, а темата „Blue Moon“ е во трка за наградите за „Најдобра рок изведба“ и „Најдобра рок песна“.

 

 

Сопственичката на 9 Греми статуетки, Блајџ е во трка за еден златен грамофон во категоријата „Најдобра денс снимка“, каде што е номинирана заедничката тема со „Дисклоужр“ – „F For You“.

 

За прв пат на оваа сцена ќе настапи кантри ѕвездата Кларк, која ќе се бори за титулата „Најдобар нов уметник“, а нејзиното издание „12 Stories“ е во трка за „Најдобар кантри албум“. Сопственикот на 2 Греми и 20 Латино Греми награди, Хуанес годинава доби една номинација во категоријата „Најдобар латино поп албум“ за неговото издание „Loco De Amor (Crazy About Love)“.

Седумкратниот добитник  на Греми награда, Крис Мартин и неговиот бенд „Колдплеј“ годинава имаат три номинации: нивниот хит „A Sky Full Of Stars“ е во трка за  „Најдобра изведба на поп дуо или група“, албумот „Ghost Stories“ е номиниран за „Најдобар поп вокален албум“, а истоимениот документарен филм ќе се бори за титулата „Најдобар музички филм“.

 

За прв пат на оваа сцена ќе настапи и австралиската ѕвезда Сиа, чиј мега-хит „Chandelier“ е номиниран во дури четири категории: „Снимка на годината“, „Песна на годината“, „Најдобра поп соло изведба“ и „Најдобар видео запис“.

 

57. доделување на Греми наградите ќе се одржи во недела, 8 февруари, во „Стејплс центарот“ во Лос Анџелес, a домаќин на манифестацијата и овој пат ќе биде познатиот музичар Ел Ел Кул Џеј.

И.Ј.



Врати се горе ↑